сабота, 13. јануари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Македонската култура низ призмата на досегашните министри и политичките партии

Македонската култура низ призмата на досегашните министри и политичките партии

Долго планирав да напишам еден своевиден пресек за она што ги карактеризира СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, и дел од другите политички субјекти, кога е културата во прашање.

Во основа, се работи за два целосно различни концепти, дијаметрално спротивни по многу аспекти, гледања на нештата…. едноставно, целосно различна матрица и визија, за тоа каде и како треба да се развива македонската култура, кои се целите, приоритетите, потребите…

Тука се и оние помалите политички фактори, кои макар и со делумен процент, помалку или повеќе влијаат врз културните токови. Ова е се она за што јас знам, а и што ми текна да се потсетам и запишам. Се надевам дека некој по возрасен, или можеби по упатен и со подобро паметење, ќе ја надополни и надгради оваа анализа и компарација.

За почеток ќе започнам со СДСМ.

И во владеењето до 1998, и во периодот 2002-2006, но и овој од 2017 навака, забележливо е дека парите ги трошат одредени веќе востановени елити, нивни блиски и нивните наследници. Доколку некој од нив води институција, истата е „јачана“, доколку не, тогаш се индивидуално поддржани проекти. Не е битно дали тоа е театар, филм, ликовна дејност, музејска, музичка… сеедно! Матрицата и концептот е тој. Дури и тематиката не беше битна во минатото, затоа што овие елити сработуваат и многу проекти со национална, патриотска тематика, битно беше кој ќе ја сработи. По 2017та, и тоа веќе го нема. Не го спорам токму квалитетот и капацитетот, колку самиот клановски пристап, кој и во владеењето на ВМРО ДПМНЕ бил поддржан делумно, од што се правеле фами, драми и скандали, поради не добивање на она кое некој си го зацртал.

Целосно се отфрлени и заборавени сите инфраструктурни проекти. Намален е интензитетот на археолошките истражувања. Се врши обид во музејската дејност да се променат или растурат дел од поставките и се она што дава национален предзнак.

Преку набрзина донесениот Колективен договор и порамнувањето на платите се прави обид да се задоволат некои основни потреби на самите културни работници, посебно оние најниско платените, што како и да е изведено, сепак е за поздравување. Платите се се уште ниски, а беа уште полоши, но е чекор напред.

Со стратегијата за култура планирано е релативизирање на важноста на самите национални установи, и законско присилување да фиксен процент од средствата ги пренесат на Невладиниот сектор и условно речено независната сцена (која на овој начин автоматски станува зависна) при креирањето на годишните програми.  Споменуваната „деметрополизација“ веќе со години се вршеше преку културните бранови и преку изборот на Град на културата, така што не гледам некаква видлива промена. Единствено што се смени е што огромен број луѓе свесно се заобиколуваат, а се форсираат некои подобни елити.

Во мандатите на нивните министри Ѓунер Исмаил, Слободан Унковски, Благоја Стефановски и Роберт Алаѓозовски севкупно ќе остане запаметено дека е изграден Меморијалниот центар во Пелинце, во 2004 година, како алтернатива за манастирот Свети Прохор Пчињски кој од 70тите години се наоѓа на територија на денешна Србија, и е под ингеренции на Српската црква.  Ако има уште нешто значајно, јас се извинувам доколку сум го пропуштил. Да, и Мала станица стана дел на Националната галерија во 2005 чинам, иако реконструкцијата и изградбата е од времето на Ганка, до 2002 година, исто како и Чифте амам до 2002 година.

Еден од муабетите со кои поранешниот министер и актуелниот скопски градоначалник излегуваат во предизборието е дека ќе „го решат“ Скопје 2014 доколку добијат мандат и дека ќе „расчистеле“ со спомениците. Како и врз основа на кои законски одредби планираат тоа да го сторат и дали свесно ќе одат против волјата на добар дел од народот, останува да видиме. Според мене е небулозно да тргаш нешто од чист инает и нетрпеливост, во ситуација во која во самото Скопје и на други бројни локации имаш еден куп обележја поставено вон било каква процедура.

Начинот на раководење на културата во мандатите на ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ овој ресор го раководи во континуитет во два наврати, 1998-2002, и од 2008-2017 година. Во првиот мандат од 4 години, тоа се Димитар Димитров (таткото на актуелниот министер за надворешни во Владата на СДСМ, Никола Димитров), Љубен Пауновски и Ганка Цветанова. Со следниот бран е раководењето на ресорот на Елизабета Канческа Милевска од 2008 до 2017. Главно обележје на владеењето на овој ресор на ВМРО ДПМНЕ е со големи инвестиции во инфраструктура, истражувања, трансформација на работни места и трајно вработување, поддршка за креативците и сите можни сцени, јакнење на институциите, но и изградба на скулптури, спомен соби и севкупно јакнење на националната свест и на Македонците, но и на заедниците.

Додека во првиот мандат тоа беше Плаошник и Самоиловата тврдина, обновата на Чифте амам, во вториот бран дојдоа Свети Климентовиот универзитет, Театар Велес, Македонски народен театар, целосна обнова на Театарот на народностите, Македонската Филхармонија, новиот дел од НУБ, Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба, Струмичкиот театар, Државниот архив, Скопското Кале, манастирот Трескавец, Бигорски, но и многу други сакрални и верски објекти, како и бројни интервенции, санации и проекти кои останаа непочнати и нереализирани, а со средена и спремна документација, проекти и планирани средства за изградба. Нападот и наводните контроверзии за и околу објектите, по мене е смешна. Објектите се таму, функционираат, се користат и ја кренаа, оживеаја културата. За грешките или некакви правни недоследности во градба или постапка, се знае кој одлучува. Но да се плука само слепо, врз сработено, ново и функционално, кога немало ништо, во најмала рака е некоректно.

Носењето на Колективен договор долги години, по мене, се изведе несмасно и нецелосно, но е сепак чекор напред пред се во музејската дејност каде вработените беа на ниско ниво со години (тоа беше голем пропуст на претходната гарнитура), што не беше случајот со музичко сценската дејност каде вработените, уште пред 9-10 години ги добија сите можни услови, но и плати.

За поздравување е што во стратегијата и на оваа нова гарнитура се продолжува со креативни планови, проекти и агенди, пред се зборува за целосна дигитализација и јавна презентација на севкупното културно богатство, градба на театарски објекти во Прилеп и Охрид каде што има и голема потреба за истите (во Прилеп има мал беден објект пред распаѓање, а во градот има силен ансамбл, плус тука е најсилниот фестивал Војдан Чернодрински, а во Охрид по мене не театарска зграда, туку цел комплексен Центар за култура, плус Театарска сцена, на местото на актуелниот супстандарден објект во центарот на градот, а да не заборавиме дека Охрид ја има светската манифестација Охридско лето. При секој дожд се нема алтернатива), како и заборавениот нов објект на Драмски. Доколку ја добијат власта, ВМРО ДПМНЕ мора многу повеќе да вложува во кадрите, но и правилна селекција пред се во музејската и ликовната дејност, а за поздравување е идејата на театарџиите за буџет кој сами би го распределиле, а не според претстава определен од некоја комисија. Предлогот за заштита на македонскиот јазик, топонимите, користењето на истиот (а се надевам развивање на катедрите и лекторатите) е врвен приоритет.

Вон овие два блока, со Министерството за култура раководеле уште вкупно шест министри.

Цветан Грозданов, веднаш по осамостојувањето, потоа Ешреф Алиу од ПДП во периодот 2004-2006, Илиријан Беќири и Арифхикмет Џемаили од ДПА во периодот 2006-2008, како и последните два министри од Алтернатива, Асаф Адеми и актуелниот Хисни Исмаили.

За Цветан Грозданов може да се рече дека е човекот кој го склопи и формираше тоа прво македонско министерство и ги воспостави стандардите, критериумите и основната трансформација на институциите при општественото уредување, што друго да се каже за останатите?

Искрено, јас лично апсолутно не памтам ништо од периодот на Ешреф Алиу, дури и воопшто и не памтам дека бил министер, ми излезе при гуглање. Го паметам само како пратеник.

Илиријан Беќири и Арифхикмет Џемаили кратко се задржаа на функциите, беа дел од првите две години на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, како дел од ДПА, и повеќето професионалци од културата велат дека биле конструктивни ликови кои гледале да ја завршат нивната работа во рамките на можносите.

Истото може да се каже и за последните двајца Асаф Адеми и Хисни Џемаили со тоа што на нив на душа им одат последните два конкурси од Годишната програма за кои се силно напачани, најмногу поради несразмерно и несоодветно распределување на средствата за нив подобни. До негде е и разбирливо дека така ќе тераат, имајќи превид дека им е единствен ресор со кој раководат, а и дека добар дел од позициите кои се водат под партиско етнички клуч се во рацете на ДУИ.

За крај и за ДУИ.

Иако никогаш не раководеле директно со самото Министерство за култура во периодот 2002-2006, 2008 до денес, постојано биле на високи битни места на ниво на Заменик Министер, државен секретар и бројни директорски места. Со чест на исклучоци и индивидуални блесоци на одредени раководни лица по институции, не може да се каже дека останатите оставиле некаков впечаток и трага. Пред се занимавале со креирање нови моно етнички институции, вработувања и процентуална поделба на средствата од тоа што ресорното министерство го имало на располагање. Очигледно стилот на владеење од втор план одлично го совладаа. Да не се блесоците на еден два директори и тук таму по некој оперативец во министерството, се ќе се сведе на пополнување на места со кадри и популизам за своето гласачко тело.

Тоа драги мои овој мој краток рекапитулар на работењето и функционирањето на министерството за култура во изминатите не цели 30 години.

Истиов пред се е наменет за оние од културната дејност, за културните работници и секако за културните конзументи. Мислам дека релативно добро ги соџвакав нештата, и се обидов колку можам да не пишувам со емоции и пристрасно, а сепак да има се што е побитно. На вас останува да размислите и процените каква култура сакате понатаму да имате.

Колумна на Александар Ристевски