недела, 7. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

ФОТО: Французите панично ги испразнија продавниците

ФОТО: Французите панично ги испразнија продавниците

Французите веќе повеќе од една недела создаваат резерви со трајни прехранбени производи, но одлуката на Владата да го ограничи движењето на населението на стриктен минимум, доведоа до неверојатни сцени во супермаркетите, јави дописникот на МИА.

Вчера вечер во 19 часот, како што сведочат фотографиите од еден супермаркет во Нанси, на истокот од Франција, полиците беа празни. Многумина ги овековечуваат местата со своите телефони и спонтано разговараат со други клиенти, свесни дека ситуацијата е невообичаена, дури и без преседан. Во продавниците, тешко е да се најде месо, сувомеснати производи, замрзната храна, конзервирана храна, јајца, леб, средства за основна хигиена или тоалетна хартија на крајот на денот.

Изутринава, само два часа пред забраната за движење, пред сите супермаркети можеа да се забележат редици на потрошувачи, како стрпливо чекаат на растојание од повеќе од еден метар за да дојдат на ред за купување.

Во една пекара, во срцето на Нанси, продавачката ни кажа дека има клиенти кои сакаат одеднаш да купат дури и педесет француски лебови! Што се разбира дека не им го дозволила, бидејќи леб има за сите.

Од Владата бараат одговорно однесување на потрошувачите и тврдат дека нема да има недостиг на прехранбени производи.