Не секоја земја го има лидерот што го заслужува, но пандемијата со коронавирусот покажа која земја каков лидер всушност доби, пишува бриселскиот сајт Политико, анализирајќи ги одговорите на светските лидери на новонастанатата кризна ситуација.
За американскиот претседател Доналд Трамп, Политико тврди дека со недели ги намалувал ризиците од вирусот за јавното здравство, а потоа ги обвини Кина, Европската унија, демократите и медиумите, и заклучува дека коронавирусот ги открил „нарцисоидноста и незнаењето“ на Трамп.
Во други времиња, светот би се свртел кон Соединетите држави сметајќи на нивното лидерство, но изгледа дека „Прво Америка“ значи „среден прст“ за остатокот од светот, заклучува Политико.еу.
Следен на списокот е британскиот премиер Борис Џонсон, или како што го нарекува порталот Политико, „сродната душа на Трамп“.
Во текстот се оценува дека неговиот одговор на „вирусот кој ниту го почитувал Брегзит, ниту чекал на пасошка контрола во Довер“ бил премногу бавен.
И додека се обидува да ја следи реториката на британскиот премиер од Втората светска војна Винстон Черчил за прашања од живот и смрт, Џонсон не може да го скрие својот „внатрешен кловн“, наведува Политико.
Многу попозитивен став се изнесува кон францускиот претседател Емануел Макрон, кој „го повикува својот внатрешен Де Гол или Наполеон зрачејќи авторитет“.
Политико ги поздравуве драстичните мерки што ги презеде Макрон, како што е ограничувањето на движењето, како и одлуката за стопирање на контроверзната реформа на пензискиот систем за време на кризата.
За Ангела Меркел Политико пишува дека „ја игра улогата за која е роденa“. Нејзината умереност, која таа ja покажа и во реткото телевизиско обраќање до нацијата, е спротивно на борбeноста на Париз и Лондон.
– Нејзината темелна пристојност и одлучувањето засновано врз докази со право ја вратија на позицијата европски водач со сигурно лидерство, се вели во текстот и се додава дека „покажала изненадувачка подготвеност да ја отфрли долгогодишната догма на избалансиран буџет во вакви драматични околности“.
Политико го смета италијанскиот премиер Џузепе Конте за „неочекувана ѕвезда“ во оваа ситуација.
Неговото сталожено раководење со кризата во многу задолжената европска земја која вирусот најтешко ја погоди покажа дека е невистинита изреката на Мусолини дека „да се владее со Италијанците не е тешко, туку залудно“, оцени Политико.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и конзервативните националистички лидери на Полска реагираа на вирусот предвидливо, забележува „Политико“, „со тоа што пркосно ги затворија своите граници со другите земји на ЕУ, предизвикувајќи долги редици и илјадници Европејци заглавени во транзит“.
Што и да откри вирусот – било да е тоа расизам, несериозност и авторитаризам или хуманост, промисленост и подготвеност на учење – барем луѓето ширум светот сега знаат „од што се направени нивните лидери“, заклучува Политико.