петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Малициозна вонредна состојба

Малициозна вонредна состојба

Продолжувањето на вонредна состојба беше направено спротивно на Уставот, бидејќи не е предвидена можност таа да се продолжи повеќе од 30 дена, според членот 125. Но непочитувањето на Уставот кај нас стана вообичаено во последните неколку години, па на тоа не се посвети скоро никакво внимание. Пандемијата од корона вирусот беше поприоритетна, иако опозицијата уште пред тоа предложи да се воведе кризна состојба, која се регулира со закон, па според тоа немаше да биде потребно ни да се крши Уставот. Дали зад оваа вонредна состојба се крие нешто друго, допрва треба да стане јасно.

Факт е дека многу мал број на држави воведоа ваква мерка. Она на што предупредува и Советот на Европа е да се внимава таа да не се злоупотребува, спротивно на целта поради која е воведена. Доколку се прави тоа, државата која ја спроведува, се смета како тоталитарна. На таков начин е суспендирана демократијата.

А дали кај нас се правеше тоа? Дали во време на таква состојба смееше да се донесе Уредба со законска сила од страна на и така техничката влада, да се исплатат сите заостанати плати на СЈО, како и сите други приходи до септември оваа година. Одговорот би бил не, не смееше. Дури и смешното образложение дека тие ќе тужеле, па ќе добиеле на суд и потоа требало да се плаќа со камати, не држи. Затоа што мандатот на СЈО истече минатиот септември, и не беше продолжен со двотретинско мнозинство во Собранието, како што е предвидено во самиот закон.

Понатаму, Уредбата за доделување на средства на верските заедници, исто така не смееше да се донесе. Без оглед на заканите на реисот на муслиманската верска заедница, состојбите требаше да се разгледаат, и во зависност од состојбата во буџетот по завршување на вонредната состојба, да се процени потребата за такви средства. Имаше во оваа вонредна состојба уште неколку тривијални одлуки донесени со политичка заднина, со злоупотреба на концентрираната моќ.

Но, дали се донесе некоја корисна одлука. Со оглед на тоа што техничката влада треба да се занимава пред се со економски мерки, а веќе е извесно дека во буџетот фалат 2,2 милијарди евра, кои економски мерки ги донесе таа за да се подобри катастрофалната состојба во економијата, која може да ја доведе државата во полоша состојба од оваа, за време на корона вирусот. Пред некој ден излегоа статистики дека Македонија вложила најмалку средства за борба против пандемијата од Ковид 19. Косово вложило повеќе од десет пати од неа.

Техничката влада не донесе ниедна сериозна мерка за помош на стопанството. Смешна беше мерката на функционерите да им се намали платата, до висина на законскиот минимум. Тие средства не се доволни ни за семки на граѓаните, кои седат дома и се досадуваат. Препораките да не се отпуштаат вработените од работа, се исто така повеќе од смешни. Тоа е и нехристијански, ако сакате, додека сеуште трае празникот.
Во библијата пишува “Сакај го ближниот свој како самиот себе си”. Значи ниеден стопанственик нема да ги задржи вработените, по цена самиот да пропадне. Насоките дека за тоа може да се пушти тужба се небулозни. До сега имаме околу сто илјади отпуштени, така што тие предмети нема да можат да се решат со години. Другите мерки што ги презема влада се императивни.

Но, да се подсетиме каде се парите од буџетот. Тие 2,2 милијарди евра кои фалат, се потрошени непродуктивно за противправно купување гласачи, противправно прекумерно вработување во јавна администрација, зголемување на пензии и плати без покритие, неосновано трошење на буџетски средства без покритие и кој знае уште каде. Поранешниот премиер Зоран Заев и покрај ветувањата не обезбеди 500 евра плата, а нема да обезбеди ни 600. Нема да обезбедат ни неговите соработнички Мила Царовска – вицепремиер за економија, која не кажа ниту еден збор за економијата, ниту пак Нина Ангеловска, која не знаејќи како да ги покрие погубните политики на владејачката партија, секој ден кажува нов гаф. Така, беше се поскапувањето на бензинот.

Внимавајте, ако се зголеми цената на бензинот, тој пак ќе бил поефтин од претходно, за 17 денари. Од кога е тоа претходно? Од доаѓањето на СДС на власт? Повторно да се одземе од народот, кој едвај крпи крај со крај, во време кога бензинот има најниска цена на светските берзи. Секој треба да биде свесен дека по кризата и по изборите, ќе се удри силно по џебот на народот. Воопшто ќе нема за плати и за пензии, затоа што ќе нема од каде. Ги гледаме и сега драконските казни. За излегување во време на полициски час 2000 евра, за истото тоа, во Грција казната е 150 евра.

За мерките во здравството да не говориме. Тие се драстично влошени по воведување на вонредната состојба, затоа што се импровизира, се преземаат од други држави, медицинските лица немаат соодветна заштитна опрема, немаат визири, маски, скафандери, ракавици. Затоа голем дел од зapазените се медицински лица.

Ни се заканува опасност од блокирање на здравствениот систем. Македонија е на врвот по бројот на cмртни случаи од корона.

Поради тоа оваа вонредна состојба, која служеше само за креирање на лажни вести и создавање хаос меѓу граѓаните, треба да се укине веднаш!