понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

АПОЛОГЕТСТВОТО ВО МАНУ

АПОЛОГЕТСТВОТО ВО МАНУ

Вистинските луѓе своите човекови вредности ги потврдуваат тогаш кога принципите што ги поседуваат ги практикуваат и кога истите се непријатни за нив.

Токму заради тоа овој текст никако не се однесува на малкумината бесмртници од МАНУ и нивното врвно научно достигнување, но уште повеќе заради искажаната храброст и достоинство во одбраната на националните и државни интереси на Р Македонија.

Националните академии, во сите држави освен кај нас, се симбол на државноста од институционално значење веднаш зад знамето, химната и грбот.

Таквиот статус го заслужуваат заради доделената улога од народот да бидат авангарда на филозофската и политичката мисла, акцелератор на сите прогресивни процеси во науката, уметноста, економијата, културата, екологијата и секакво друго творештво во едно општество.

Најважната улога е да ги штитат, бранат и надградуваат чувствата за широка припадност и љубов кон посебностите што ги поседува еден народ со обврска да ги споделува со другите народи од целиот свет, а не безмилосно да ги распродава во замена за привилегии, погодности и напредувања.

Година 1967. Време на бетонско зацврстување на Титовиот етатизам во СФРЈ, но и како реакција на тоа ембрионални зачетоци на сепаратизам кај одредени републики, дивеење на српскиот национализам и шовинизам и постојано потценување и негирање на македонскиот идентитет.

Во исто време во надворешната политика на Југославија крајно релативизирање на македонскиот народ и жртвување на националните интереси на македонците кон соседите заради комоција на федералните политички цели, а на штета на загрозените човекови права и слободи и загарантираното право од Организацијата на обединети нации за самоопределување на народите како врв на универзалноста на човековите права.

Во таа 1967 историска година за македонскиот народ и држава, свесни за загрозеноста на нивната иднина, група на прикриени македонски патриоти и про демократски ориентирани политичари успеаа да изградат два носечки столба врз кои почива обраната на нападнатиот и загрозен идентитет на македонскиот народ и самобитноста на државата. Имено, беше издејствувано правото на автокефалност на Македонската православна црква (потоа често и се до денес оспорувано) и беше воспостановена Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ. Со право македонскиот народ се радуваше и очекуваше МАНУ да биде научна тврдина и бедем за опстојот на македонскиот народ.

За работите да станат појасни и да се претворат во факти повлекувам една паралела на настаните што потоа следуваа споредено со денешно време. Следните три четири години беа расцветан цвет во дотогашното трнливо и мрачно општество што душите и срцата на македонците ги исполни со радост, среќа и верба во иднината, заради благородноста на силното чувството за самоприпадност. Сведоци бевме на еруптивна експанзија на народно творештво во сите сфери што ги афирмираа посебностите на македонскиот народ.

Но, за жал во 1971 година стигна “ПИСМОТО“ од ТИТО со кое се вратија најреакционерните сили во Македонија на чело со Лазо Колишевски кои веднаш тргнаа во пресметка со луѓето кои што ја сакаа својата држава и народ и беа вистински патриоти, а според нив македонски шовинисти.

Што е тука значајно? Нешто што силно потсетува на денешно време.

Ликот и делото на Гоце Делчев.

Сите “непријатели на државата“ беа сменети, затворани, протерани во егзил или натерани на самоказнување, користејќи го како лајв мотивот на обвинението тоа зошто Македонците повеќе го почитуваат, сакаат и изразуваат јасно потенциран пиетет кон Гоце Делчев како најголем син на македонскиот народ на сметка на “најголемиот син на братските народите и народностите во Југославија, другарот Тито“.

Време денешно, повторно Гоце Делчев помеѓу честитите македонски граѓани и предавничката толпа предводена од Зоран Заев во разурнувачка мисија за уништување на својот народ и држава во замена за привилегии сега не од Белград туку од Атина, Софија и Брисел таканаречените пријатели и добри соседи.

Македонија, години пред вашите очи бесрамници низаедни, се распаѓа, а вие молчите ли молчите, или уште полошо станавте авангарда на оваа предавничка банда. Гугутки да бевте нешто ќе гукневте.

Граѓаните на Македонија нешто повеќе од еден месец се во изолација и самоизолација и веќе негодуваат не можејќи веќе да издржат. Сега јас се прашувам дали сте херои или сте за сожалување. Неколку години да бидете во ЗАЕВИЗОЛАЦИЈА, да ги изгубиш видот, слухот, разумот и гласот, а да го сочувате само вкусот на деликатесните јадења и скапи пијалаци, навистина е тешко.

Засрамете се! Засрамете се, затоа што во доминантните сектори од составот на Академијата имате ОБВРСКА да ги негувате и развивате целите и задачите што произлегуваат од тие центри кои се со нагласено чувство за самозаштита на вашиот народ.

А вие мудро и понатака молчите. Ќе ве потсетам: Истражувачки лексикографски центар, Истражувачки центар за ареална лингвистика, Истражувачки центар за културно наследство, центар за стратегиско истражување.

Сите од вас намерно ставени во длабок хибернистички сон, а не будна стража што треба да го чува и афирмира името, народот, јазикот, идентитетот, културата што заедно ја чинат нашата држава Македонија.

Затоа нема да претерам: Ако треба во преговорите нешто да се жртвува со задоволсто македонскиот народ ќе ве трампи вас за било за јазикот, идентитетот или името. Вакво МАНУ на Македонија и македонскиот народ не им треба.

Деновиве кружи една анегдота за вас академиците кои произлегувате од македонскиот народ но очигледно не му припаѓате, а тоа е дека вие сте пронашле и лек и вакцина против Ковид 19, која е проверена и потврдена од Институтот за фармакологија. Лекот и вакцината да ти била една една исцедена капка пот од сите вас заедно.

Што знам, можеби е анегдота, или е поблиску до вистината.

На крај. Слугувањето на политиката од научната елита и слепото извршување на нивните заповеди од врвни научници прави дилетанти на кои им се исмејуваат сите. Пример, деновиве вашата препорака кон Уставниот суд ја исмејуваа дури и бруцошите од Прва година на Правниот факултет. Подобро по налог на политиката да продолжите да молчите и да сме во дилема дали знаете или не знаете или пак да се охрабрите да проговорите и да потврдите дека не знаете.

Колумна на Ламбе Арнаудов.