Францускиот претседател најави дека ќе ги забрза плановите за отворање на државата и ублажување на мерките кои беа воведени со цел да се спречи ширењето на заразата.
Францускиот претседател Емануел Макрон во своето обраќање порача дека треба да се изгради Европа која ќе биде независна од Кина и САД, прогласувајќи ја „првата победа“ на својата држава против коронавирусот.
„Ова искушение покажа недостатоци и ранливост – нашата зависност од другите континенти при обезбедувањето на некои стоки“, изјави Макрон во обраќањето до нацијата, истакнувајќи дека сака Европа од ова да извлече поука.
„Војната против епидемијата не е готова, но среќен сум поради оваа добиена прва битка против вирусот“, изјави Макрон.
Француските власти очекуваат економијата оваа година да падне за 11%, а Макрон најави дека државата за помош на економијата ќе издвои околу 500 милијарди евра. Меѓутоа, тој исто така вети дека трошоците за одржување на работењето на компаниите и вработеноста на населението нема да биде на грбот на даночните обврзници.
Првиот човек на втората најголема европска економија се осврна и на антирасистичките протести кои од САД се проширија и во другите земји, а Франција беше исто така критикувана за „лошиот третман“ на малцинствата во земјата.
Макрон порача дека ќе биде непоколеблив во врска со прашањето на било каква дискриминација, но првиот човек на земјата со колонијалистичко минато порача и дека Франција „нема да избрише никаква трага или име од минатото“, а нагласи дека нема да бидат рушени ниту спомениците.