четврток, 14. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Најден лек кој што може да помогне да се спасат животите на заболените од коронавирус

Најден лек кој што може да помогне да се спасат животите на заболените од коронавирус

Експертите велат дека не треба да се одложува со давањето на евтиниот лек на пациентите по „фантастичните“ резултати од тестирањето, пренесува Би-би-си. Но – луѓето не треба да излегуваат и да го купуваат за да го примаат дома.

Евтин и широко достапен лек наречен дексаметазон може да помогне да се спасат животите на пациентите што се сериозно заболени од коронавирусот.

Британските експерти велат дека третманот со мала доза од овој стероид е голем успех во борбата против смртоносниот вирус.

Лекот го намалува ризикот од смрт кај третина од пациентите што се на вентилатори. Кај оние на кислород лекот ги намалува смртните случаи за една петтина.

Лекот е дел од најголемото тестирање на постојните лекови во светот за да се види дали тие дејствуваат и против коронавирусот.

Истражувачите проценуваат дека доколку лекот се употребувал за лекување пациенти во Британија од почетокот на пандемијата на коронавирусот, можело да се спасат до 5.000 животи. Бидејќи е евтин, може да биде од голема корист во посиромашните земји што се соочени со голем број пациенти со ковид-19.

Спасувач на животи

Околу 19 од 20 пациенти со коронавирус оздравуваат без да бидат примени во болница. Од оние што се примени во болница, повеќето исто така оздравуваат, но на некои може да им треба кислород или механичка вентилација. Ова се пациенти со висок ризик, на кои се чини дека дексаметазонот им помага.

Лекот веќе се користи за да се сузбие воспалението во низа други болести и се чини дека помага делумно да се спречат штетите што може да се појават кога имунолошкиот систем на организмот „се прегрева“ додека се обидува да се бори против коронавирусот.

Пресилната реакција на телото се нарекува „цитокинска бура“ и може да биде смртоносна.

Во тестирањето, предводено од тим од универзитетот Оксфорд, околу 2.000 болнички пациенти добиле дексаметазон и биле споредувани со повеќе од 4.000 што не го примиле лекот.

Кај пациентите на вентилатори тој го намалува ризикот од смрт од 40% на 28%. Кај пациентите на кои им е потребен кислород тој го намалува ризикот од смрт од 25% на 20%.

Главниот истражувач, проф. Питер Хорби, рече: „Ова е единствениот лек досега за кој се покажа дека ја намалува смртноста – и тоа значително ја намалува. Тоа е голем успех.“

Истражувачот проф. Мартин Ландреј вели дека наодите сугерираат дека на секои осум пациенти третирани на вентилатори, може да спасите еден живот.

За оние пациенти третирани со кислород, заштедувате еден живот на приближно секои 20-25 третирани со лекот.

„Има јасна, јасна корист. Третманот е до 10 дена дексаметазон и чини околу 5 фунти по пациент. Значи, во суштина чини 35 фунти за да заштедите живот. Ова е лек што е достапен на глобално ниво.“

Професорот Ландреј вели дека на болничките пациенти сега тој треба да им се дава без одлагање, но дека луѓето не треба да излегуваат и да го купуваат за да го примаат дома.

Дексаметазонот се чини дека не им помага на луѓето со поблаги симптоми на коронавирусот – на оние на кои не им треба помош при дишењето.