четврток, 18. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Лекарите предупредуваат: Коронавирусот може да предизвика дијабетес кај здрави луѓе

Лекарите предупредуваат: Коронавирусот може да предизвика дијабетес кај здрави луѓе

Најновите истражувања од Англија и други земји покажуваат дека возрасните лица со дијабетес тип 1 и 2 имаат поголем ризик од смрт доколку се заразат со Ковид-19.

Неколку експерти од целиот свет имаат напишано извештај во New England Journal of Medicine (NEJM) во кој сугерираат дека коронавирусот не е ризичен само за лицата со дијабетес, туку дека тој всушност самиот може да предизвика дијабетес.

Кинеските научници објавија информации за случајот на инаку здрав млад човек кој развил тешка форма на дијабетес откако бил заразен со коронавирус. Пред пандемијата на „ковид-19“, во Азија се појави епидемија на САРС од 2002 до 2004 година, што исто така беше предизвикано од сој на коронавирус. И тогаш е забележан акутен дијабетес кај луѓе кои добиле пневмонија поради инфекција со САРС.

Во повеќето од овие случаи, дијабетесот исчезнал по три години, но останал кај 10 проценти од заболените.

Експертите претпоставуваат дека Ковид-19 го нарушува нормалното функционирање на клетките на панкреасот, што доведува до нарушувања во процесите што го одржуваат нивото на гликоза во крвта преку секреција на инсулин.

Треба да се напомене дека ова се претпоставки на некои научници и дека сè уште не е потврдено со сигурност дека ковид-19 предизвикува дијабетес тип 1 или 2. Некои лекари дури и посочуваат дека може да се работи за сосема нова форма на дијабетес.