Американецот Тодрик Гочер (27 год, 193 см) е последното засилување за МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона, објавија попладнево од клубот од „Јане Сандански“.
Станува збор за импресивен бек-шутер, чие најсилно оружје е шутот за три поени, а кој, според информациите од таборот на „металците“, фантастично се снаоѓа и во играта „два на два“. Тој во Аеродром доаѓа од турскиот прволигаш Бешикташ, кој минатата сезона настапуваше и во престижната Лига на шампионите (ЛШ) на ФИБА.
Гочер во турското првенство настапил на 23 средби со просек од 9,4 поени, 4,7 скока и 2,3 асистенции додека во ЛШ на 16 меча просечно реализирал 10,8 поени, 3,5 скока и 1,6 асистенции. Претходно, тој има настапувано во два грчки тима и тоа Короивос и Ифаистос, како и за француски Шоле. Пред да дојде во Европа, во американската НЦАА-лига настапувал за престижниот Тексас Тек универзитет, каде што бил најдобар во тимот во последната година од студиите.