вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Бадел и Баскет Кам на чекор од ново финале женскиот кошаркарски шампионат

Бадел и Баскет Кам на чекор од ново финале женскиот кошаркарски шампионат

Финалистите од претходните две сезони Бадел и Баскет Кам максимално ја искористија предноста на домашниот терен и се на една победа од нова битка за шампионскиот трофеј во домашното првенство.

Двете екипи славеа против своите ривали и во вторите натпревари и водат со 2-0 пред првите гостувања од своите серии. Баскет Кам го совлада МЗТ Скопје со 88-62, а Бадел беше подобар од Струга со 51-44.

МЗТ Скопје три четвртини се одржуваше во живот на гостувањето во Македонска Каменица за да колабира во последните десет минути кои домашниот тим ги доби со 38-20. Димова и Тасевска постигнаа по 20 поени, а Милованова додаде 15. Кај МЗТ, убедливо најефикасна беше Симонс која постигна речиси половина од поените на својот тим – 30.

Далеку понеефикасно беше во Кисела Вода каде двете екипи реализираа едвај 95 поени. Клучната предност Бадел ја направи во втората четвртина која ја доби со 15-4 и на голем одмор замина со 28-17 за во продолжение само да ја одржува разликата.

Матје го предводеше Бадел со 18 поени и 11 скока, додека на спротивната страна блескаше Ли со 23 поени и 11 скока.

Третите натпревари од серии се играат на 26 април на терените на МЗТ Скопје и Струга и тогаш би можеле да ги добиеме и учесниците во големото финале.