Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на неговата денешна посета на Грција ќе оствари средби со грчкиот премиер, со претседателката и министрите за надворешни работи и за одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.
Столтенберг во Атина доаѓа од Анкара каде што се сретна со турскиот државен врв, а една од темите за кои разговараше со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, беа тензиите во Источниот Медитеран.
Грција и Турција, минатата седмица во НАТО воспоставија билатерален механизам за избегнување конфликти што има за цел да го намали ризикот од инциденти и несреќи во Источниот Медитеран, а вклучува и воспоставување на „црвена линија“ помеѓу двете земји за да се олесни избегнувањето на конфликти на море или во воздух.
Паралелно со средбите на Столтенберг, во центарот на Атина е закажан протест против посетата на Грција на генералниот секретар на НАТО.