петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Тешка геостраТешка грешка

Тешка геостраТешка грешка

Згрешени сме сите, драги мои. За сите пари, комплет. Сево ова што ни се случува му дадовме легитимитет летово на изборите. Нека ни е на здравје.

На страна од циркузов кој ни се случува при преговорите со Бугарија. Знаејќи кои се ликови се на главните позиции, ништо и не ме изненадува, иако во позадина стојат многу поголеми и покрупни причини. Самите митови кои Бугарија ги градеше, поготово изминатите 60 години, а посебно од 90тите, наваму.

Зарем не паметите како илјадници Македонци секоја година одеа во Роженскиот манастир чествувајќи го Пиринскиот цар, големиот Јане Сандански, а бугарската полиција редовно им удираше ќотек? Македонија се уште има проблеми со дел од изградените митови, но тие не се ни приближно големи и опасни како тие кои ги има Бугарија, а зад кои стои и ги живее. Негирањето на постоење на народ, не дозволувањето за самоопределба и изјаснување самото по себе е фашизоидно, и тоа е проблем на бугарска држава, не на самиот народ.

За почеток, двата народи (иако на обичен Бугарин е проблем да му објасниш дека не си творба на Коминтерната, дека не си  србоман, ниту каравангелист, туку обичен Македонец, со големо М) треба меѓусебно да зборуваат, да имаат почит и да се престане со ниското ниво на комуникација. Но Бугарите треба да сфатат, Македонци има, имало и ќе има. Толку!

Сега да се навратиме на глупостите кои во позадина некој се обидува да ги протне на мала врата преку Собранието.

Првата е законот за канабис и неговата наводна легализација. Драги мои, нам ни треба закон за декриминализација, тој е круцијалниот. Ние ден денес имаме луѓе кои лежат во затвор за неколку „шибици“ или затоа што насадиле неколку стебла. Законот кој го предлагате и желбата да Скопје, Охрид, струга и уште некое место ги направите Амстердам е идиотска и глупа. Ниту на Скопје, ниту на Охрид и Струга им требаат туристи кои би доаѓале тука да пушат трева. Правејќи ги овие градови таква дестинација, ги одбивате другите туристи кои до сега ги имавме. Овој предлог е само од лична корист на оние кои влегоа во овој бизнис, а сега немаат пласман, и никако не кореспондира со желбите и потребите на народот.

Вториот бесмислен закон е неработна недела. Луѓе, во отворено капиталистичко општество, ваква форма на забрана е во најмала рака глупа. Недела во Скопје и во туристичките места е ударен ден. Правење сегрегација во дејностите е само основа да се прават пренамени на дејност, лажење и  криење и куп нелегални активности. Наместо тоа, донесе закон за работни односи, плаќање според работен час, а по некакви бодови или плата округла (15.000, 20.000, 25.000). Регулирајте дека никој не смее без да биде прашан да работи со полно работно време ни 5 минути повеќе од 40 работни сати, а се над тоа да добие од 50 до 100% повеќе по работен час, нормално со негова согласност. Дека полно работно време не е 40 сати, ниту максимум 40 сати. Полно работно е и со 30 сати. Па ако сакате да ме платите помалку, ќе одам помалку сати на работа. Плаќање на секои две недели, и вкупно 26 двонеделни плати. Прекувремено да никој не смее на 40 часа да работи во текот на неделата повеќе од 50, значи 10 плус, и истите да се платени, а ако истите се во недела или празник да се исплати дупла сатница. Е тогаш ќе покажете дека сте за народот, и работите во негов интерес. Во спротивно, и овој закон опозицијата треба и мора да го блокира по секоја цена.

Законот за надворешни работи. Луда работа. Дозволуваме луѓе кои имаат двојно државјанство, да работат дипломатија. Луѓе со резервна татковина, треба да ја застапуваат Македонија. Срамно и бедно. Арам. Очигледно наплатата од лицата кои си лобирале да туристички живеат во странските престолнини на државен трошок, си дошла на дневен ред. Луѓе, дипломатски претставник на една држава е сериозна работа. Тој кој ја претставува државата мора да е едуциран, почитуван, признаен, битен, авторитет сам по себе, лик со широк круг познаници и пријатели во земјата во која оди, да го познава локалниот јазик, или во најмала рака одлично да говори англиски, француски. А ова? Ова е фарса невидена. Само доказ дека дното нема крај.

Ова се само мал дел од бројните нешта кои проаѓаат навидум незабележано кај поширокиот аудиториум. Заедно со еден куп глупости, задолжувања, заедно со 1000 заболени секој ден, десетици починати,цели дејности банкротирани, вакцини, уназадено школство и што ли уште не.

Ама затоа секој пат кога има некаква криза се вади некоја тема која е целосно вон контекст, некое судење, нечија хајка и мантрата дека само што не сме влегле во ЕУ.

Луѓе, сфатете, и да и дадеме на Бугарија се‘, буквално се‘, да се пишеме нинџа желки или телетабиси, да пишеме дека сме чеда на Аспарух, јазикот дека ни е клингонски или западно блгарско наречје,  и што ли уште не, ние во ЕУ нема да влееме до 2035 година. И тоа е тоа. Така да, сите вие кои имате 60тина години и нагоре, и се пенавите за ЕУ, сфатете, ЕУ нема да ја доживеете, најголемиот дел од вас. Тоа не е евроскептицизам, туку еврореализам. Не сме им во планот и агендата. НАТО беше идејата, се истурка, и тоа е тоа.

Народе мој. Мора сите да си ги отворите очите. Да престанете да верувате во шарени лаги и лажни ветувања. Да се реформирате прво себе си. Кога ќе ви бараат мито да се развикате и да пријавите, да сфатите дека лекар не се тепа, туку пријавува. Да барате фискална сметка за секоја услуга. Да барате од општините отчет за се, за секој денар. Да барате услови за вашите деца во школите и градинките. Да научите дека тротоар е за пешаци а не за вашите коли, да си платите паркинг и купите гаражи. Да пријавувате до инспекциите смет, отпад, бучава и се што е кршење закон и ако не се почитува, да им викнете медиуми. Да се буните кога некој секој година дава стотици илјади евра за светилки и сијалички, а ги става истите, на пример. Да се пријавувате на конкурси за места за кои ги исполнувате условите и да им ги обжалувате и поништувате истите доколку не се почитуваат процедури (кој е бре тој муабет, тоа бил конкурс за веќе примени, местата да им се трансформираат, такво нешто според закон не постои).

Народе, силата е во ваши раце.

Оваа „Тешка геостраТешка грешка“ е наша!

 

Александар Ристевски