среда, 7. февруари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Собранието е олицетворение на државата

Собранието е олицетворение на државата

Многу нешта за тоа како функционира една држава се гледа според тоа што се‘ се случува во домашниот Парламент.

Доколку погледнеме што се обидува власта да протурка во Собранието, а тенкото мнозинство без приговор е спремно да аминува, должноста на целата опозиција е да го руши, блокира и саботира се она што е спротивно од интересите на народот и државата, а во корист лична корист на мала група луѓе или фрлање пари за корумпирање на електоратот.

Како едно продолжение на она кое го пишав минатата недела за Законот за неработна недела, за надворешни работи и за легализација на канабисот, не можам а да не бидам счудоневиден на какви се глупости е спремна владејачката структура, само за да истурка некои, по мене, непромислени предлози. Дури и почнувам да се сомневам дека глупиве идеи им доаѓаат сама за да ја дефокусираат јавноста, за да се има повеќе простор за да се протне следната будалштина, по онаа со Грција, овој пат со Бугарија.

Оваа владејачка гарнитура, заедно со својот лидер, докажа и покажа дека декларативно на хартија и на збор смета за себе дека е класа, но во пракса, е сосема друга приказна. Единствено знае да троши, во главно непродуктивно, без јасна цел и план, „билдајќи“ ги бројките фиктивно, затоа што, на хартија вие можете да имате плата и од 1000 евра, но со истата да не можете да купите ништо.

Буџетот за 2021 година е проблематичен по многу основи. Во време на рецесија тој од година во година расте, плус проектираната дупка во него е над половина милијарда, а проценките и параметрите според кои очекуваат да се полни остатокот се паушални и по многу нешта нереални. Самите ставки пред се‘ се нелогични. Замислете, во време на рецесија, во време кога самата држава работи со намален обем, кога се работи од дома, кога добар дел од администрацијата работи со намалено темпо, вие примате нови лица, плус ангажирате илјадници лица, како „договорци“. Лицата со договор на дело се ангажираат кога постои зголемен обем на работа. Цела оваа година државата имаше илјадници такви лица. Во уште поголем обем планирани се наредната година.

Потоа делот на стоки и услуги, исто како и делот на трошење за патувања, ручеци, и друга форма на непродуктивни трошења се дури една четвртина од буџетот, над една милијарда. Навистина за неверување. Наместо државата да влезе во офанзива на градење патишта, железница, купување автобуси, возови, давање субвенции за нови возила, место да гради нови школи, болници, средува целосна инфраструктура во државата, да изготвува просторни и урбанистички планови, таа троши.
Да погледнеме само колку објекти се кренати до ниво на карабина и оставени така. Нивната најголема мана е што ги започнала некоја друга гарнитура. До душа се успеа да се отворат неколку патишта и тунели на кои со „блех“ музика се сврти и некое оро.

За да на народот му стане појасно што се планира да се изгласа во собранието, поедноставено објасни пратеникот на ВМРО ДПМНЕ и потпретседател на најголемата опозициска партија, Александар Николоски.

Доколку замислиме дека буџетот е 1000 денари, оваа расипничка Влада троши:
● 127 денари за плати,
● 86 денари за стоки и услуги, без да се каже прецизно за што,
● 487 денари за социјални трансфери и купување социјален мир,
● 288 денари се трошат на пензии, како дополнение на дупката во пензискиот фонд,
● 139 денари за здравствена заштита во време на најжестоката корона криза,
● 159 денари за непродуктивни трошења, патувања, ручеци и сл.,
● и само бедни 93 денари за капитални инвестиции,
● истовремено го задолжува народот за 141 денари.

Покрај сево ова, власта планира да буквално распродаде се живо. Како човек кој најмалку еднаш неделно излегувам јавно со свој став преку колумна, искрено не успевам да ги стигнам, анализирам и споменам сите глупости кои се прават. Народот е евидентно поделен,а трагедијата е што не поддржува идеологија, став или некаква агенда, туку се приклонува кон страната која ја смета за помало зло или ги корумпира. Драги мои, освестете се додека не е касно. Ова е брод кој тоне, а овие задолжувања кои се направија во владеењето на оваа структура, ќе ги отплаќате со децении и вие, и вашите деца. Не бидете себични, не гледајте денес за утре. Вака веќе не оди. Секој од нас индивидуално за само две години, државата го има заглавено со по 1000 евра во просек.

Опозициските пратеници, сите на куп, се деновиве главни ѕвезди. Искрено се надевам дека тоа што го прават деновиве ќе издржат и дека ќе продолжат да ја толчат власта со стил и аргументи. Верувам дека ќе го спречат распродавањето на државата, „раскрчмувањето“ на државниот имот, лошите одлуки за образованието, еден куп законски одредби, како и овој неразумен буџет. А народот? Народот мора да сфати дека додека самиот тој место милостина и ситен интерес, треба да бара отчет и транспарентност, инаку нема напред.

Александар Ристевски