четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ЗОРАНЕ, НЕРОНЕ ја потпали и ја пеплоса МАКЕДОНИЈА

ЗОРАНЕ, НЕРОНЕ ја потпали и ја пеплоса МАКЕДОНИЈА

ГОСПОДЕ ЗЛАТЕН! Каде да те бараме? Очигледно во моментов во Македонија не си. Инаку како да си објасниме што еден бесрамен паликуќа од сите нас прави будали и ни ги обесмисли животите, ја принесе Македонија како жртва пред вратите на пеколот, го атрофира родољубието, ја обесчести љубовта кон татковината и се потсмева со патриотизмот, ги обезглави институциите, ја растури државата, го осиромаши народот.

Си застанал ТИ, Зоране Нероне со твоето проклетство наспроти среќата на народот. Тргни се.
Но, да знаеш едно МАКЕДОНИЈА не може да биде жртва на пеколот со кој ти управуваш. МАКЕДОНИЈА не е и за во рајот. МАКЕДОНИЈА Е РАЈ.

Зоране Нероне, палиш, гориш, пустошиш каде ќе стигнеш, но едно никако не можеш.
НЕ можеш да ја сопреш еруптивната репродукциска моќ и желба на македонскиот народ да ја сочува татковината.
Напротив, колку повеќе потпалуваш, толку повеќе ја разгоруваш нашата љубов што на крај ќе ти дојде до главата (политичка).

Пред 3 (три) години напишав и објавив колумна во која посочив што нé чека од тебе, што правиш. Еден познат скопски адвокат и поранешен министер тогаш ми рече дека оваа моја колумна за 10-15 години ќе ги потврди сите мои предвидувања, дури и на неродените деца сега. Му одговорив, не за толку туку за 3 (три) години.

Затоа во прилог на текстов ја реобјавувам, репринтам наведената колумна од Ноември 2017г., а вие Драги читатели сами пресудете:
Дали јас погрешно напишав или вие криво ме разбравте?

Повелете судете, во продолжение:
Ноември, 2017 год.
Ламбе Арнаудов: Тотална распродажба заради ликвидација
Надвор од НОМО според член 0 став 0 алинеја 0 се подготвува спроведување на распродажба на незаконски стекнат имот од страна на трговското друштво со неограничена одговорност (за сега) запишано во судскиот регистар под име “Сојуз на дилери и сервисери на Македонија“, скратено СДСМ со седиште на улица Бихачка ББ, непосредно до зградата на фирмата ќерка “Мелничко воденичарска работилница“ со кратенка МВР и делумно е во сопственост на мајката фирма СДСМ чија основна дејност е мелење, пропуштање низ вода и обработка на субјекти.

Распродажбата на МВР не се однесува на делот кој веќе е продаден, со договор во четири очи на 15-ти и 29-ти октомври 2017 година. Останатиот најголем дел од оваа фирма е народен имот во сопственост на граѓаните и за среќа таа никако и никогаш повеќе нема да биде предмет на било каква распродажба.

Заради доспеани, а ненаплатени долгови од странски кредитори, надворешни инвестициски фондови и домашни доверители, а сé во функција за опстојување на гореспоменатата фирма се распишува оглас за:
РАСПРОДАЖБА
На имот кој никогаш не бил во нивна сопственост или било каков друг вид на времено или трајно располагање за што е потребна брза реализација на трансферот. Истовремено ги известуваме потенцијалните купувачи дека цените се извонредно поволни и многу ниски од разбирлива причина бидејќи стоката што е предмет на продажба е присвоена, насилно одземена и украдена од вистинските сопственици, нашите прадедовци, дедовци и татковци кои своите оставински тестаменти, познавајќи нé какви недомаќини сме, нé имаат целосно разбаштинето со што губиме секакво наследно и сопственичко право.
Напоменуваме, дека трговските спогодби ќе се склучуваат исклучиво во четири очи без тендер надгледувани од вујко Сем и блудницата Вавилонска со што се гарантира апсолутна дискреција за цената, вредноста и името на идните сопственици.
Предмет на распродажба се следните артикли:

1. Име. Го продаваме по багателни цени за докрај да ја обезвредниме неговата вистинска и непроценлива вредност, сé со цел да не е конкурентно на светскиот пазар и да не ја загрозува монополската позиција за името во корист на друга фирма.
2. Идентитет. Со оваа распродажба се елиминира со закон определениот наследник да нема право да ја оспори оваа распродажба на името и во некои поповолни услови на пазарот да си го врати во своја сопственост.
3. Јазик. Со ова се елиминира секаква опасност од можен ризик за потпишување на документи со текст и правно дејство на јазик кој не постои.
4. Историја. Осигурување на потполно исчезнување на докази за времено движење на имотот низ годините, десетолетијата, вековите, сé до денешен ден со што поимот имотен лист станува безвреден.
5. Народ. Е, народ нема. Без овие претходни, распродадени вредности народот ќе се врати во фаза на раја или уште полошо на модерни робови и ќе биде предмет на размена по принцип на првобитниот, најпримитивен вид на трговија, проста размена производ за производ.
Сето останато што не е предмет на овој договор за распродажба: езера, реки, планини, рамнини, пасишта, шуми, рудни богатства, градови, села, патишта, станбени згради, болници, фабрики и сé друго останато автоматски ќе му припадне на купувачот по принцип плати четири носи сé. Нашата парола е Задоволен купувач, наша обврска! Затоа, побрзајте, навалете, цените се многу поволни.

Ние, вистинските законски сопственици, граѓаните на Република Македонија со чест и обврска кон нашите предци, заради наше избавување и грижа за идното потомство бараме од институциите на државата, пред сé од Државниот правобранител веднаш да стави времена забрана на оваа срамна, бандитска и незаконска постапка на распродажба на сé она што е свето за нашиот народ. Сепак свесни сме, дека од ова барање нема да има фајде, затоа што искуството нé научило да не веруваме на празни соништа и на зборови на измамници.

Народе мој, сакам да те предупредам дека доаѓаат историско тешки, но и срамни времиња. Ќе ти треба голема смиреност, истрајност, здрав разум, вештина и заедничка храброст од сите. Предизвиците пред кои си исправен, народ наш напатен, се огромни. Ама, токму од напатените народи излегуваат силни и креативни личности. Длабоките лузни врежани во вашите души се непобитна потврда за тоа. Убаво знаеш дека народ не може никогаш да биде поразен, народ може само сам себе да се посрамоти. Сега е моментот да ја согледаш разликата помеѓу понудените реформи, промена на систем и држава од една страна и татковината од друга која ти е род од прво колено.

Сега треба смело да им порачаш на џамбазите и праматарите да продолжат да продаваат свињи, магариња и бижутерија. Ова се премногу скапоцени вредности за да поминуваат низ вашите лепрозни раце. На вас, кастрираните евнуси маскирани во некои политичари, колумнисти, советници, аналитичари, новинари и невладини активисти, боледувате од лесно пренослива болест и пред да го заразите граѓанството престанете со купување на честа на својот народ во замена за срамна понуда за подобар живот. Ветувањата за полни стомаци и дебели газови само можат да ти наштетат, тие авал не прават, тие главата ќе ти ја изедат.

Не рекле старите попусто “Ако среќата се огледаше во ситост, тогаш и воловите би биле среќни кога ќе јадат слама“. Сега е неопходно да застанеш храбро и да се спротивставиш енергично во одбрана од сé што ти се подготвува. Еве ти несекојдневна прилика од публика каде што зборуваш за другите да се трансформираш во актер за кого со восхит ќе зборуваат. При тоа немој да заборавиш што и да направиш за татковината никогаш не е доволно. Направи го тоа веднаш. Утре е доцна. Сетнина нема.

Во спротивно ќе дојдат многу туѓинци кои првпат ги гледаш, чии јазици нема да ги разбираш, нивните традиции и обичаи нема да ги познаваш заради што ќе се чувствуваш странец дома. Многумина ќе бидат принудени да заминат, тие малку што ќе останат ќе бидат претворени во био роботи или модерни робови без чувство за радост и за тага кои ќе им работат на новопечените чорбаџии како аргати и измеќари. Ќе им ги уредуваат градините, ќе им ги чистат домовите, ќе им ги шетаат домашните милениците, ќе разнесуваат млеко и весници и ќе менуваат мелни пелени за возрасни. Ќе се претворите во редок ендемски примерок и ќе бидете управувани од туѓинци кои немаат никакво разбирање за вашиот начин на живот. Твојата Македонија и понатака ќе биде совршена интеграција на природните убавини, културно-историски споменици, духовно наследство ама ти сето тоа нема да го гледаш, нема да го чувствуваш и нема да се радуваш затоа што нема да биде твое и на него ќе гледаш како на духовна пустелија.