Навистина се фасцинантни сите овие пресврти на политичката сцена во Македонија. Сите овие промени кои се случуваат на дневна основа, во кои на филмска лента се бројат скандалите, гафовите, пропустите и еден куп будалаштини кои ги гледаме.
Актуелниот Премиер излезе во јавноста со предлог за ОБЕДИНУВАЊЕ. Дека доста било делби, тури и предложи широка коалиција, можност за поделба на власта меѓу двете најголеми партии и слични полу компромиси. Единствениот предуслов му беше, тоа било без актуелниот лидер на најголемата опозициска партија Мицкоски.
Мислам дека ни самиот Премиер не сфаќа дека Мицкоски е најмалку битен во приказната, дали народот ќе се обедини или не. Мислам дека самиот Премиер не е свесен дека мнозинството од народот нема НИКОГАШ да му прости за еден куп будалаштини кои ги направи изминатите години. Лидерот на опозицијата е само дел од народот кој веќе тргна да се обединува, исчистен од пирејот, од троскотот.
Премиерот не е свесен дека народот:
Нема никогаш да му заборави за велепредавството со ерга омнес промена на името на државата. Паметите? Додека го дишам овој МАКЕДОНСКИ воздух …не ми ја чепкајте жицата …загубен во времето, ќе го барам семето… ех, лаги невидени!!!
Нема никогаш да му заборави за сервилниот однос кон сите соседи, потчинувањето, стругањето на шахтите, рушењето на споменици, и што ли уште не!
Нема никогаш да им ги прости и нема и на Шилегов менувањето на имињата на улиците. Поготово не на некои кои немаат никакво значење за народот, а се обележје на комунизмот.
Нема никогаш да им ги заборави Уставобранителите прогласени за терористи и осудени за тероризам, а амнестирањето на предавниците и кодошите. Никогаш!
Нема никогаш да му ги заборави и нема и на Филипче експериментите кои ни ги прават година дена. Карантини, мобилни болници, немање вакцини, двојни аршини каде некои дискотеки и клубови работеа, а кафулиња банкротираа.
Нема никогаш да ми го заборави влечењето за нос на матичните лекари. Каде истите гинат директно соочени со болните, а има се касни по два три месеци со парите од фондот.
Нема никогаш да им се заборави деградирањето на македонскиот јазик и историја, и она што се сега граѓани од Република Северна Македонија,а не Македонци.
Списокот може да трае до недоглед. Да не ги набројувам еден куп хиени кои направија р’шум во општеството, плус шурувањето токму со структурите од претходната власт за која толку многу зборуваа и ветуваа дека „ќе ја решат“.
Обединување треба! Обединување мора да има и ќе има! Сенародно! Семакедонско!
Прво народот мора да се обедини како нација! Сите македонски граѓани треба да се обединат под ова наше македонско сонце. Но ќе се обединиме како МАКЕДОНИЈА. Македонија е на секој оној кој е од оваа земја. Северџаните можат каде сакаат и како сакаат, сами да се обединуваат, ко пред две години кога беа горди на Евровизија. Мене како Александар ми е брат секој оној жител на Македонија кој ја сака и цени оваа земја, и работи за нејзиниот бенефит.
Следно мора да се обединиме јазично. Правото на зборување, учење и користење на секој јазик е богатство на земјата. И убаво е да го слушаме на секој чекор и албанскиот, и ромскиот, и српскиот, и турскиот, и бошњачкиот, и влашкиот, но и бугарскиот, грчкиот и било кој јазик со кој некој се служи во Македонија. Но заедничкиот, обединувачкиот, првиот службен и официјален јазик е, бил и ќе остане МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК. Да го негуваме, почитуваме, и активно користиме.
Обединувањето мора да е и верско. Верата мора да излезе од устите на сите. Верата не смее да се злоупотребува, да поларизира, дели, кара. Правото за верска определба или не припаѓање на ниедна сегрегација е личен избор и тоа мора да остане. Верските права и слободи мора да имаат законски норми за да нема злоупотреби, урбанистички, финансиски, етички, морални, и за да не бидат основа за делби и конфликт, туку место за потрага по духовниот и душевниот мир на секој поединец. Вистинскиот верник е добар човек. Вистинскиот верник не мрази, и не дискриминира. Тоа го прават оние кои ја злоупотребуваат верата.
За крај. Политичкото обединување. За почеток, сфатете дека партиите не се места за вработување, рекет, лечење комплекси, туку креатори на државните политики и кадровици за менаџерите кои тоа треба да го спроведат. Партиите не смеат да бидат оние кои ќе се занимаваат со кариерите на стручните лице и професионалците, а уште помалку со хигиеничарките и чуварите. Никаде во светот партиите немаат толку луже кои се вазали на политичките субјекти. Смешно е маалските политичари да се по познати и по влијателни од пејачите, спортистите и уметниците. Тоа само кај нас е така.
Обединувањето зад стратешките интереси на Македонија треба и мора да има. Македонија треба и мора цврсто и здраво да гледа кон нејзиното интегрирање кон Европа. Само така Македонецот ќе се обедини со своите браќа во Грција и Бугарија, а Македонија ќе биде една, обединета во рамките на Европа. Но тоа мора да го направиме без да го изгубиме образот, со достоинство и сочуван идентитет, како Македонци, заедно со своите браќа Македонците по нација, со албанско, турско, ромско, српско или било какво етничко потекло.
Обединети, но овој пат, без тебе „Обединителу“. Благодариме, но овие четири години доволно глупости и проблеми направи. Вака веќе не може!
Александар Ристевски