Новата претседателка на Косово, Вјоса Османи денеска официјално ја презеде должноста од досегашниот вршител на должноста на таа функција, претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца, јави дописникот на МИА од Приштина.
Државната церемонија по тој повод беше одржана на плоштадот „Ибрахим Ругова“ во косовската престолнина, каде што Османи и Коњуфца извршија смотра на гардата на Безбдносните сили на Косово (ФСК).
Од претседателскиот кабинет соопштија дека, поради ситуацијата со пандемијата, нема да има друга инаугуративна церемонија, туку ќе се одржат неколку индивидуални активности на Османи, како што е приемот на командантот на ФСК, Рахман Рама и на други генерали, како и на косовските џиудисти кои во последно време забележаа видни резултати на неколку светски манифестации.
На инаугурацијата на Османи на плоштадот пред Собранието на Косово, покрај нејзиното семејство – сопругот и двете ќерки, присуствуваа и амбасадорите на таканаречената „Квинта“, односно на петте највлијателни држави кои имаат дипломатски претставништва во Приштина, САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франија, како и премиерот Албин Курти и членови на владиниот кабинет.
Петгодишниот мандат на чело на државата Османи го доби од Собранието на Косово в недела, на 4 април.