Американскиот фудбалски тренер Хесе Марш (47) ќе го наследи Јулијан Нагелсман на клупата на германскиот прволигаш Лајпциг.
Од моментно второпласираната екипа во Бундеслигата, засега, нема официјална потврда, но германските медиуми јавуваат денеска дека двете страни постигнале договор за соработка.
Актуелниот стратег на Лајпциг, 33-годишниот Нагелсман, по двегодишна соработка, на крајот од сезоната ќе ја напушти екипата и ќе биде нов тренер на Баерн Минхен, на местото на Ханси Флик.
Марш беше помошник селектор на САД од 2010 до 2011 година, ги предводеше американските екипи Монтреал и Њујорк Ред Бул, а една сезона (2018/19) беше и помошник тренер во Лајпциг. Изминатите две години се наоѓа на клупата на австрискиот прволигаш Салцбург, со кој минатата година ја освои шампионската титула, а сезонава е на добар пат да го одбрани трофејот.