петок, 29. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

За македонските црвени линии и пост изборна Бугарија

За македонските црвени линии и пост изборна Бугарија

По изборите кои викендов завршија во соседна Бугарија, политичката нестабилност продолжува и ќе трае, а уверен сум дека и дисфункционалните односи со Македонија уште долго време ќе останат нерешени, а состојбата поларизирана.

Пировиот победник на овие избори, шоуменот Слави Трифунов во свое јавно обраќање изјави: „Поднесување на апликација за членство на Бугарија во Европската вселенска агенција затоа што само Бугарија не членува таму. Ќе направам се што е возможно, да испратам маж и жена кои ќе бидат првите бугарски астронаути во НАСА. Ќе направам се што е возможно кон нив да се присоедини и еден северномакедонски астронаут. За да не гледаме надолу во земјата, од срам, туку да почнеме да гледаме нагоре, кон ѕвездите“.

Знаејќи ги неговите ставови во минатото и тенденција на македонската музика и фолклор ги претставува како бугарски, и начин на кој не ословува, јасно става до знаење што можеме и од него да очекуваме.

Ситуацијата во која Македонија е доведена, е во основа безизлезна. Ниту еден од политичките субјекти кои се дел од бугарскиот парламент не зборува со зборовите на разумот, туку уште се налева оган на секоја тема поврзана со Македонија, која прави непроценливи штети пред се на меѓучовечките односи помеѓу обичниот народ и поларизација на односите меѓу жителите на двете држави.

Не верувам дека потенцијална Влада на Трифунов ќе смени нешто во односите кон Македонија, освен доколку истата не биде создадена со одредени условувања кон нив од западните сили и САД, а во кои како пакет ќе биде и решавањето на односите со нас. Не верувам ниту дека пред претседателските избори Радев ќе се осмели нешто да преземе нешто како Претседател. Тоа значи дека постои сериозно можност да се пропушти и словенечкото претседавање со ЕУ, како можност за придвижување на нештата.

До претседателските избори во Бугарија во октомври се ќе биде исто како и последните месеци. Ќе гледаме само времени решенија. Сосема веројатно да се влезе во процес на нови избори заедно со Претседателските, а истовремено и со нашите локални. Следствено на тоа, во Бугарија нема да има концентрирана владејачка моќ, ниту пак волја за отстапки и компромис со Македонија, а убеден сум дека ќе продолжат обвинувања за корупција и криминал кон досегашните структури на ГЕРБ и ВМРО БНД. Ако е нешто добро за Македонија, е тоа што ликови како Каракачанов и неговите следбеници ќе продолжат да тонат кон политичкиот заборав, но и структурите на Борисов.

Со оглед на тоа што Македонија влегува во изборен циклус на локално ниво, ова ќе бидат избори каде централната власт во Македонија, силно ќе притиска со теми кои немаат врска со локална самоуправа, обидувајќи се да останат актуелни и да не доживее целосен дебакл, по што логично би било да падне Владата која и така функционира со кревко мнозинство. Со оглед на тоа со кои кандидати решила опозицијата да трча, очигледно е дека се обидува да оди на некаква сигурна варијанта за членството, а дека темите нема да бидат локални, туку ќе се води централизирана кампања и обид да се анимираат и задоволат барањата на социјални групи со разни форми на субвенции, донации, отпишување долгови и слично, како и проекти кои се долгорочни,а нереални или без јасна цел за нивна реализација.

Македонија ќе мора под итно и со севкупен национален консезус и со поддршка и на партиите на етничките заедници, пред се оние на македонските Албанци, да донесе резолуција во Собранието  дека никој, апсолутно никој, вклучително и Бугарија, нема никакво право да се меша во нашиот идентитет, како и во градењето на нашата национална свест за историската, територијалната и јазичната засебност на македонскиот народ, но и севкупната македонска нација на овие балкански простори. Кавгата за тоа дали во документот ќе стои Македонија, „Република Северна Македонија“ или било која друга формулација е нешто што политичарите ќе мора да најдат модалитет да го донесат, се во интерес на македонските национални интереси. Тие политичари и партии кои ќе го саботираат и опструираат овој процес, треба да бидат јавно осудени за поткопување на темелите на оваа држава и за работење против македонскиот народ. Време е да се покаже единство, а да се прекине со политиката „денес за утре“. Фиктивната поддршка не води кон никаде. Без црвени линии и собраниска резолуција, дозволуваме и понатаму сите да не газат.

Европската унија ќе мора да излезе од зачмаеноста и летаргијата во која е подолго време, да води проактивна политика на Балканот, и да пресече за теми кои немаат врска со добрососедство, туку се класична репресија. Се согласувам дека Европската унија може да не ренда за многу теми, на пример за проблеми со владеење на правото, непотизам, корупција, немање Мерит систем при напредување во кариерата, клиентелизам, загадување, екологија, бучава, квалитет на живот, работнички права, и што ли уште не. Но, да се каже дека по прашање на верски и етнички права сме по назад од другите, е смешно и навредливо. Еден куп држави во Европската унија меѓу кои барем два од нашите соседи не дозволуваат на никој начин, друг народ во истите тие држави да ужива апсолутно никакви права. Ние сме многу по напред по одредени теми, отколку бројни ЕУ држави.

Време е ЕУ да поработи малку на себе, за промена во Македонија да форсира многу по суштински теми, поврзани со проблемите кои ги набројав. Еве се ближат локалните избори, местото од каде потекнуваат огромен број на проблеми. Земајќи во предвид дека владејачката СДС веќе ги обзнани скоро половина од кандидатите, очигледно е дека нема намера ништо да смени и дека е време народот да ги казни и да избере колку кој кандидат, но некој од тие кои ги предложиле.

Време е за целосно ресетирање. Време е да почнат во преден план да се појавуваат лица со став, со карактер, со образ, кои ќе му врзат силна шлаканица на ова скапано, корумпирано клиентелистичко општество. Да не заборавиме, националните интереси се бранат почнувајќи и од тоа како и каде се паркираме, каде и кога го фрламе ѓубрето, колку се грижиме за животната средина…

Да, драги мои и тоа е патриотизам, и тоа е дел од моите црвени линии. И да, целосно против секој закон за легализација на згради и објекти за колективно домување, како и узурпација на имот. Ред мора да има!

Александар Ристевски