петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ОСУДЕНИ И ЗАБЛУДЕНИ

ОСУДЕНИ И ЗАБЛУДЕНИ

Минатата зима, пред да заврши претходниот мандат, ме повика колегата Трајко Велјановски, на зелените фотелји во фоајето пред сала „Македонија„, во Собранието на Република Македонија. При самото седнување, забележав кај него доза на трема и вознемиреност. Ме праша дали ќе прифатам да му бидам сведок во случајот за 27-ми април. Трајко, големиот човек, а така скромен и срамежлив, со страв во очите и болка во душата, ме праша дали ќе му бидам сведок. Брзо и без никакво двоумење му одговорив, за да не го гледам таков. Му кажав дека е тоа најмалку што можам да го сторам.

Година дена после тоа, ме побара Спиро Ристовски. Истото прашање и истиот тремор во гласот. Му го кажав истиот одговор.

… И бев да сведочам. И сведочев. Кажав дека немаше никакво прекршување на Деловникот, ниту некакво телефонско јавување. Истово го кажале и многу мои колеги и сопартијци.

Кога Спиро ми се јави, после моето сведочење за него и Трајко, за да ми се заблагодари, му вратив дека многу подобро ќе се чувствував ако заедно со нив ја споделев нивната голгота, отколку вака да им „помагам“.Тоа беше и е Спиро: секогаш да праша, да замоли и да се заблагодари.

Тешко кој може ова да го разбере или може да го разбере само оној кој работел со срце и душа за идеја и идеологија. И, да, некој ќе каже дека поединци профитирале и дека се збогатиле на грбот на партијата. За тоа нека има други процеси и нека се сослушаат сите сведоци и разгледаат сите докази. И, да, некој ќе каже дека не треба да се коментира судска пресуда. Но, дали ова беше судски процес, најпрво, а потоа и дали воопшто станува збор за судска пресуда?!?

Монтиран случај, од кој најголема полза имаше актуелната власт, а најголема загуба претрпе ВМРО-ДПМНЕ, не е праведен случај. Ова е само уште една од алатките на власта за втерување страв до коски, за испраќање на порака до сите незадоволни и потиштени, дека не смеат да помислат да го кажат јавно своето мислење и својот револт кон денешнава ’49-та.

Спиро, Трајко, Миле, Влатко, Гордана, Јане … се денешните Чентовци. Ги осудија за Македонија. Ги осудија оние кои ја раскрчмија. Селективна правда и селективно бирање на сведоци. За едни случаи беше валидно сведочењето на нестабилни и криминогени ликови, а за други не беше.

Се прашувам, колку уште ќе трпиме и колку уште ќе издржиме?!? Сите, денес осудени за Македонија, имаат деца. Како што и Ченто има свој внук кој, повторно, заради пресликаното безумие и едноумие, лежи во затвор. Ама, овие деца не се со желе од мозоци и со гел од кичми. Колку и да ги гоните и судите, ќе останат трагите од вашата зла ниет. Тие деца ќе изродат нови. И тие ќе бидат деца на Македонија. Ќе бидат ли вашите – ваши наследници или ќе запре конечно ова безумие?

Дојдовте на власт, без изборна победа, а со паролите: „Нема правда, нема мир“. Ова не е ниту правда, ниту мир. Ова е класичен политички реваншизам кон неистомислениците. Ова е пример за осветољубие и злоба.

27-ми април го доживеавме сите пратеници во тогашниот состав. И на сите тој ден ни беше загрозен животот. Со таа разлика, што имаше такви кои претходно беа подготвени за настанот. Такви, кои беа подготвени за по некоја лузна и „голема жртва“. На сите тој ден ни се јавија нашите деца со плач и растревоженост. Добро е што немаше загуба на ниту еден човечки живот тој ден. Но, лошо е што од тој ден нема наравоучение. Продолжуваат пакоста и осветата.
Затоа, пишувам во име на разумот и вистинското вразумување. Пишувам, во име на сите осудени за Македонија. Годините кои тие ги минуваат или ќе ги поминат во зандани ќе поминат. Знаат само тие како. А, ние, надвор од занданите, дајте да се вразумиме и да престанеме со реваншизмот. Правдата нека ја делат вистински судии. Судии во кои никој нема да впери прст. Судии за кои никој нема да почувствува сомнеж. Има ли такви денес? Доста е со декларативно залагање за праведен правосуден систем.

И, да биде иронијата уште поголема, додека еден спикер на Собрание ќе одговара за непрекршен Деловник, друг спикер катадневно истиот го прекршува. Додека, божем случајно, а секогаш во предизборие, се носат вакви „големи“ пресуди, никаде ги нема пресудите или процесите за огромен број на луѓе од власта. Додека некои добија пресуди од над 200 и сега над 25 години, некои си уживаат во своите домови и не одговараат за отворените врати. Нивната одговорност ја „исплатија“ со гласање за неуставната промена на уставното име на Република Македонија. Иронија или пародија?!? Како и да е, векот врви. Останува само нечивото перење на валканата совест со валкани игри.
За крај, кога на блискиот му се случуваат тешки нешта, тука е поддршката. Искрено, и не сум премногу горда на ваквата поддршка, но сум горда на тоа што сум на страната на денешните осудени, оти денес испадна дека е гордост да си осудуван – осудуван за Македонија. Денес е подобро да си осудуван за Македонија, отколку заблуден за истата ( ако и воопшто исто ја доживуваме ).

Македонија раѓала синови и ќерки, и ќе раѓа. Останува дилемата дали тие синови и ќерки ќе се нејзина гордост или нејзин срам. Јас во моментов избирам да сум горда на Трајко, Спиро, Миле, Влатко, Гордана, Јане и сите останати, осудени затоа што си ја сакаат Македонија. Вашата пркос, непокор и истрајност се она што Македонија ја прави горда на вас. Вие сте денешните јунаци на Македонија. Што се однесува до вашата големина како личности, ми беше чест и привилегија што имав можност да ја осознаам. Таа големина е за луѓе, не за луѓенца. Вашата големина е и наша обврска. Обврска да не ја премолчуваме, ниту некогаш заборавиме, оваа неправда.

И доколку некој има, а знам дека има, дилема за тоа – зошто Груевски не го уапси Заев на времето, јас на тоа гледам и сакам да гледам, како што сум и воспитувана – во духот дека на лоши луѓе се враќа со добри дела. И, така е и така треба да биде, само што, дефинитивно, после се’, со добри дела се враќа на луѓе, а не на нелуѓе или на луѓенца.
Сосема за крај… Осудени или заблудени? Првите, и ќе ја одлежат незаслужената казна, ама овие вторите тешко да излезат од нивната заблуда. Тешко, бидејќи нивната заблуда е дека со власта ја имаат и целата моќ на овој свет. Моќ да судат и осудуваат, моќ да лажат, крадат и да не одговараат, затоа што се на власт. Со ваква заблуда се живее само додека си на власт. После тоа, што следува? Повторно реваншизам, ли? Јас велам – не! Доста е од реваншизми. Нека следува правда, ама онаа вистинската. Правда за Македонија.

Дафина Стојаноска – пратеничка