Се засилува четвртиот бран. Вчера, по долго време, беа регистрирани осум починати од Ковид-19 во едно деноноќие и 588 новозаразени. Паралелно со зголемување на бројот на новоинфицирани и в пресрет на најавените рестриктивни мерки, значително се зголемува интересот за вакцинација. Досега се вакцинирани над половина милион граѓани. Од Министерството за здравство завчера информираа дека досега се вакцинирани 32 проценти од полнолетните жители на државата.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 552.263 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 8.202 граѓани, а вкупно се вакцинирале 14.928 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 998.876 дози вакцини, а ревакцинирани се 446.613 граѓани.
Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.
– Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од истата, велат од Министерството за здравство.
Покрај зголемениот број на ваквинирани, расте и бројот на новозаразени. По долго време, вчера беа регистрирани дури осум починати, 588 новозаразени од направени 5.780 тестирања. Вкупниот број на активни случаи е 3.135.
Во Скопје бројот на активни случаи се искачи на 1053, а во Тетово 755. Следи Гостивар со 370 активни случаи, Куманово – 193, Кичево – 161, Струмица – 88, Битола – 75, Дебар – 71, Охрид и Струга со по 67 активни случаи. Во другите градови се под 50 заразени, а Богданци, Крушево, Демир Хисар, Кратово, Дојран и Неготино сè уште се без позитивен случај.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 159 269 на оздравени пациенти е 150 613, на починати 5521.
Од понеделник почнуваат новите рестриктивни мерки, кои предвидуваат во угостителските објекти кои имаат капацитет над 30 гости, да влезат само оние кои примиле барем една доза вакцина.
Министерот за економија Крешник Бектеши и директорката на Државен пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска, на вчерашната средба разговарале за спроведувањето на одлуката за превентивните препораки, времените мерки, наменските протоколи, плановите и алгоритмите за постапување за заштита од Ковид-19.
Како што информираше министерот преку неговиот фејсбук-профил, од понеделник ќе следат засилени контроли.
– Затоа вакцинирајте се, за да го чуваме здравјето, напиша Бектеши.
Со последните мерки за заштита и превенција од Ковид-19 кои Владата ги донесе се забранува секаков тип на настани и работа на угостителски објекти на затворено од 16 август и задолжителна потврда за вакцинација, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август.
И покрај засилениот четврти бран, од Министерството за образование и наука велат дека учебната година ќе почне на 1 септември, а досега се вакцинирани околу 60 отсто од кадарот.
Од МОН соопштија дека се интензивни подготовките за стартот во услови на пандемија преку пристап со кој ќе се обезбеди непречено одвивање на наставата, но и заштита на јавното здравје.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби вчера изјави дека е откажан големиот концерт по повод прославата на 20 години од Охридскиот рамковен договор со што Министерството покажува доблест и ги уважува препораките за заштита од Ковид-19. Ова Груби го истакна во Тетово каде на Универзитетот на Југоисточна Европа се одржа панел-дискусија по повод 20 годишнината од Охридскиот договор.
Манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ годинава нема да се одржи поради превентивните КОВИД мерки, одлучи вчера Советот на општина Кавадарци.
Според програмата, манифестацијата требаше да биде тридневна и да се организира во септември.
Покрај ваквите примери на откажувања за да се спречи ширењето на коронавирусот, полицијата информира за несовесно однесување на четири лица позитивни на ковид од Гостиварско, кои излегле од изолацијата и отпатувале во странство. Против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Освен овој случај, Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднело предлог за издавање казнен налог против едно лице кое не го почитувало решението со кое му било одредено лекување и изолација во домашни услови.
Иако со решението од 28 мај 2021 година на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 40-годишниот скопјанец му била одредена домашна изолација во траење од 14 дена заради непосреден контакт со лице заболено од Ковид-19, стои во соопштението од Јавно обвинителство, обвинетиот решението не го почитувал и го напуштил домот.
Во светот досега со коронавирусот се заразиле 205 милиони луѓе, починале 4,3 милиони, а оздравеле 184 милиони лица.
Светската здравствена организација (СЗО) завчера повика дваесет лидери, кои се способни да ја исправат „срамната“ глобална нерамнотежа во достапноста на вакцините против Ковид-19, да се ангажираат до октомври да го прекинат овој тренд.
– Веројатно има дваесет луѓе во светот кои се клучни за справување со проблемот на неправдата, изјави Брус Ајлвард од СЗО во директен контакт на социјалните медиуми.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера предупреди дека коронавирусот „не е зад нас“ и уште еднаш ги повика Французите да се вакцинираат.
– Здравствената криза не е зад нас, тоа е многу јасно. Ќе живееме со вирусот уште неколку месеци, изјави тој по владиниот состанок на владата за борба против коронавирусот, порача Макрон.
Украина вчера ја продолжи вонредната состојба со што им се дозволува на регионалните власти да воведат дополнителни ограничувачки мерки до 1 октомври, со цел да се запре брзото ширење на делта сојот на коронавирусот, изјави премиерот Денис Шмигал.
Во Германија речиси 9.000 луѓе наместо вакцина против Ковид-19 примиле физиолошки раствор. Тие ќе мора повторно да примат вакцина против Ковид-19 откако е откриено дека наместо вакцина примиле физиолошки раствор.
Локалните власти на округот Фрисланд ги повикаа вакцинираните граѓани да се јават за да ја примат вистинската доза од вакцината, и е отворена телефонската линија за итни случаи.
Утврдено е дека физиолошки раствор примиле 8.557 лица од 70 години во периодот од 5 март до 21 април.
Руската вакцина против Ковид-19, Спутник В е околу 83 отсто ефикасна против делта сојот, што е помал процент отколку што претходно се мислеше, изјави вчера рускиот министер за здравство Михаил Мурашко.
Производителите на вакцини во јуни објавија дека Спутник В е околу 90 проценти ефикасен во однос на делта сојот.
Мурашко, исто така, наведе дека ефикасноста на вакцината Спутник В надминува 95 отсто против тешкиот тек на болеста, за која е потребна хоспитализација.
Новата учебна година во Грција ќе почне на 13 септември со физичко присуство на учениците и студентите, но и со задолжителен документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 или негативен тест, јави вчера дописничката на МИА од Атина.
„Фејсбук“ вчера соопшти дека се отстранети стотици профили поврзани со мистериозна рекламна агенција што се обидува да им плати на инфлуенсери на социјалните мрежи за да ги оцрнат вакцините против Ковид-19 на „Фајзер“ и на „Астра Зенека“.
Група од 56 профили на „Фејсбук“ и 243 на „Инстаграм“ биле пронајдени во рекламната и маркетинг агенција „Фазе“, која работи од Русија за непознат клиент.