Шатори со капацитет да згрижат 2.500 лица ќе бидат поставени во деловите погодени од земјотресот на Крит, а во поширокиот регион е прогласена вонредна состојба, соопшти министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис кој од утрово е на островот и додаде дека повредени се 12 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
-Заедно со градоначалникот, префектот и целиот тим на локалната самоуправа решивме да се постават шатори за сите семејства и сите луѓе кои не треба вечерва да се вратат во нивните домови. Можеме да згрижиме 2.500 лица, рече Стилијанидис и додаде дека за нив приоритет се човечките животи и да се избегне луѓето да ја поминат ноќта во објекти за кои постои сомнеж дека не се безбедни.
Извори од Министерството за туризам на Грција брифираат дека надлежниот министер Василис Кикиљас во координација со претседателот на комората на хотелиери на Грција го информирал Стилијанидис и префектот на Крит дека за погодените од земјотресот, веднаш ќе бидат отстапени 90 соби во хотелите во конкретниот регион.
Паралелно, преку бројот за итни случаи 112 на Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција, беше испратена порака до жителите на Крит да бидат претпазливи.
-Предупредувачка порака од Министерството за климатска криза и цивилна заштита. Силен земјотрес во вашиот регион, со континуирана сеизмичка активност. Не влегувајте во објекти што имаат било каква штета од земјотресот. Останете во состојба на готовност и следете ги упатствата на властите, пишува во пораката.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на неговиот „Твитер“ профил напиша дека целиот државен механизам е во состојба на готовност за да помогне во справувањето со последиците од земјотресот на Крит, изрази сочувство до семејството на загинатиот, а на повредените им посака брзо закрепнување.
Земјотресот беше регистриран во 9 часот и 17 минути по локално време со епицентар на копно, 23 километри северозападно од градот Арви, што се наоѓа јужно од Ираклио, животот го загуби едно лице, а надлежните, на терен ја проценуваат материјалната штета.
Во истиот епицентар, беа регистрирани низа други земјотреси, а за пет часа имаше осум земјотреси над 4 степени, од кои најсилниот беше со јачина од 4,8 степени.