Марк Маркез е апсолутен крал на патеката Заксенринг во Германија каде оваа година славеше и 11-ти пат по ред, но слична врска има и со патеката во Тексас, на која денеска оствари седма победа во Мото ГП.
Шпанскиот возач беше пребрз за конкуренцијата и покрај тоа што стартуваше од третото место, па уште од воведот изби на врвот и доминатно и убедливо стигна до нова победа на својата втора омилена трка во Мото ГП календарот.
Иако самиот Марк ги критикуваше нерамнините на асфалтот и посочи дека трката во Остин е најнебезбедна во Мото ГП, сепак траекторијата на оваа патека одговара на неговиот стил на возење, во што се уверивме и денеска.
Маркез стигна до својата седма победа на трката за Големата награда на Америка, односно втора за него во актуелниот шампионат по онаа споменатата во Германија. Фабио Квартарато заврши втор и ја зголеми предноста во генералниот пласман, подиумот го комплетираше Бањаја, а во топ 10 се најдоа уште Ринс, Мартин, Бастијанини, Мир, Милер, Биндер и Еспаргаро.