На само неколку дена сме од гласањето за градоначалници и совети, па сметам дека оваа колумна треба да е наменета токму за таа тема, со осврт токму на Скопје и општините во овој град.
Од старт ќе бидам конкретен и директен: На Скопје му треба промена на сте десет општински градоначалници, топтан со се тој на Град Скопје. Едноставно, ниту еден од нив, кои повторно се кандидираа, ниту пак алтернативите кои актуелната власт ги нуди во Карпош, Центар или Аеродром не се соодветни решенија, ниту оддаваат надеж дека нешто ќе променат.
За почеток оние кои се обидуваат да трчаат по втор пат. За почеток, најжалната и најтрагичната приказна, Велимир Смилевски во Бутел. Навистина е фасцинантно да се бара втор мандат без ниту еден реализиран капитален проект, со истата програма од пред 4 години, и со милионски суми потрошени на времени вработувања. Во континуитет ги следам караниците меѓу него и жителите на Радишани околу безбедноста пред школото Ацо Шопов, или оние од Визбегово и неговите реализирани ветувања. Џабе, мува не го лази и си тера самоуверено, барајќи втор мандат. Патем, ветената поликлиника се модифицира во модуларни бараки.
Следен е Филип Темелковски за Кисела Вода. Човекот кој ветуваше едно, а даде друго. Главната причина за неговиот пад треба да е и ќе биде Расадник. Го намали бројот на зградите, го зголеми габаритот, па сега треба да има 50 посто повеќе квадрати од претходниот план, кој нели беше страшен. Заради Расадник, нерешените проблеми со паркирањето и поплавените улици, Темелковски ќе падне.
На Наумовски во Ѓорче, во неколку наврати пред камери обичен народ му кажа што мисли. Со лажни ветувања, напред нема. Според мене, и тој е завршена приказна. Трча кампања за втор мандат со проектите од пред 4 години, повторно.
И Борче Георгиевски трча за втор мандат со проектите од првиот. Големи ветувања, многу малку исполнето од ветеното. Понуди многу големи и вашни проекти, се се сведе на асфалтирање на улици и патчиња. И тој треба да биде завршена приказна.
На исто мислење сум и за кандидатите во Сарај и Чаир. Верувам дека промена во овие општини ќе даде една нова енергија, нова можност за развој. Сметам дека актуелните градоначалници го искористија максимумот на своите капацитети, и време е да бидат заменети со некој друг. Со гребење асфалт, претварање на тревнати површни во паркинг и со садење грмушки, а од друга страна урбанистички хаос и дивоградби, напред нема.
За Шуто Оризари, што да се рече освен дека е време Курто Дудуш да оди во политичка пензија, без оглед што сега оди поддржан од друга партија. Се надевам дека граѓаните на Шутка ќе гласаат опозициски. Шутка заслужува раст и напредок, и вистински татко на општината.
Решенијата кои актуелната власт ги понуди како замена за најмоќните општини Карпош, Центар и Аеродром, кандидатите Весовски, Герасимовски и Филиповски, за наследници на Богоев, Богдановиќ и Марин, со ништо не ми даваат за надеж дека би работеле подобро, по одговорно или пак дека ќе дадат некои иновативни решенија. Од самата кампања се гледа дека ги повторуваат нереализираните ветувања на партиските претходници, и се обидуваат да ги дисквалификуваат противниците, повикувајќи се на делата на некои ликови од минатото, кои ја завршија својата политичка екскурзија, пред години.
За крај одиме со еден темелен пресек на она што го ветуваше и „оствари“ актуелниот градоначалник на Скопје, Шилегов. Се уште ги чекаме, Тунелот под Кале кој беше помпезно најавуван, зиплајнот од Кале во Парк, мостот од Илинденска према Ѓорче и Волково, паркинзи во Чаир, зелени кровови по зградите, клучка на две нивоа кај Мавровка и уште еден проекти кои нема абер од нивен почеток или само фиктивно терање на некоја постапка, на која не и се гледа крајот. Наспроти тоа, добивме стотици и илјадници дивоградби, токму во овие четири години. Чаир и самата чаршија се најголема потврда за сево ова.
Што сработи актуелниот градоначалник? Ги доврши дел проектите за изградба или проширување на одредени сообраќајници кои ги започна или беа во финална проектна или тендерска фаза, на неговиот претходник Коце Трајановски. Вистина е дека ги „ослободи“ дел од тротоарите во Центар и Карпош ставајќи столпчиња, но не успеа да најде решение за паркирање на автомобилите кое се паркираа таму, па имате уште поголем хаос севкупно. Гребеше асфалт и поставуваше нов слој на главните сообраќајници, што е дел од неговите редовни обврски. Лагата дека го Гради Борис Трајковски од Пинтија до Драчево ќе си излее на виделина. Каде му е тендерот и проектот за истиот? Истиот се надева дека ќе го гради со ние следни буџети, ако победи, затоа што за оваа година за истиот ниту има средства, ниту презентирам проект и тендер.
Севкупно, Шилегов остави впечаток на градоначалник кој користи груб и дрзок речник кон неистомислениците, а од почетокот на самата кампања целата негативна енергија, надополнета со потценување и омаловажување, тој директно ја насочи кој противкандидатот Данела Арсовска, очигледно како опонент се чувствува најмногу загрозен. Беше смешно да се гледа дебатата на ТВ Телма каде ги обвинил сите против кандидати дека се здружиле против него. Тоа доволно говори за неговата матрица, убеден дека работи одлично, но сите го мразат. Токму затоа е време да си оди. И тој и сите останати десет општински градоначалници. Настрана од тоа што за добар дел од нив, во јавноста кружат и бројни афери поврзани со нивното работење кои допрва ќе треба надлежните органи да се изјаснат, иако подолг период молчат.
На Скопје му треба промена. Нова визија, нова сила, поголема искреност и по реални и по изводливи проекти. Актуелните имаат да се покажат и докажат, и потфрлија. Скопјани се дега на потег, да донесат нова енергија, функционални совети и целосна нова градска и општинска власт.
Александар Ристевски