четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Скопје го огреа ново сонце на слободата

Скопје го огреа ново сонце на слободата

Викендов го видовме епилогот од првиот круг на Локалните избори 2021. Иако многумина беа скептични околу резултатите, посебно кога се однесува за Скопје и скопските општини, очигледно моите предвидувања излегоа во голема мерка реални и точни.

Што се случи во Скопје, и скопските општини, но и на периферијата? ВМРО ДПМНЕ победи во 5 градски општини во првиот круг, каде и ги освои советите (Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел и Ѓорче Петров), но ја освои и источната периферијата на скопската котлина (Илинден, Петровец, Зелениково и Сопиште). Данела Арсовска поддржана од ВМРО ДПМНЕ е во водство во Град Скопје, а во Карпош доколку опозицискиот блок Гром, ВМРО ДПМНЕ, Левица и дел од независните гласови се обединат зад Стевчо Јакимовски, лесно ќе го победат Весовски од СДС. Слично е и во Центар каде доколку Наташа Котлар добие поддршка од другите опозиционери, има можност да го совлада Герасимовски. Со тоа СДС останува во битка покрај Карпош и Центар и за Шуто Оризари со својот нов кандидат, кој ќе се бори со нивниот досегашен избор, Курто Дудуш, кој сега е со ЛДП и ДОМ. Во општините кои се со мнозинско албанско население, во Сарај веќе победи Блерим Беџети, додека најинтересна ќе биде битката за Чаир меѓу Беким Сали и Висар Ганиу, каде со очекува да има влијание и врз изборите за Град Скопје во зависност од тоа гласачите за овие два кандидати дали ќе ја поддржат Арсовска или Шилегов.

За очекување е голема битка во вториот круг. За власта поразот не е опција, затоа што дополнителен пораз во Скопје ќе значи и крах на самата Влада. ДУИ од новата територијална поделба во 2004та година, веќе 4 мандати владее со Чаир, и до последниот атом на силите ќе се бори за него. Прашање е дали опозицијата севкупно ќе успее да се надмине себе си, и да го преземе Чаир, што не е и невозможно. Да видиме дали во вториот круг ќе се користат сите средства за победа. Гласањето со отпечаток на прст го успори гласањето, но и направи да е помалку подложно на разни ујдурми и фалсификати.

Битката за Скопје е битка на се или ништо за актуелната власт. Опозицијата веќе го има советот, затоа што СДС, ДУИ и ЛДП/ДОМ, немаат повеќе од 20 советници, во совет со 45 члена, во кој ВМРО ДПМНЕ ќе има 19. Шилегов изминатите неколку месеци започна проекти кои очекуваше дека ќе му донесат нов мандат, иако за дел од нив немаше ни јасна визија како и до кога ќе ги реализира, нити со јасна динамика и буџет (решавањето на имотно правните односи во Ќерамидница, имотно правните односи за куќите кон Бардовци и Злокуќани, проект и буџет за Борис Трајковски од Пинтија до Драчево и други). Од друга страна, бројните лажни и неисполнети ветувања: Тунелот под Кале, Раскрсница на две нивоа кај Мавровка, Катни гаражи за Чаир, Зиплајн од Кале до Градски парк, мост и улица од Карпош 4 кон Влае до Даме Груев и многу други проекти заеднички и со локалните градоначалници, посебно кај оние кои веќе паднаа во првиот круг.
Но, сепак најголемиот проблем на Шилегов е неговото однесување. Личните напади кои цела кампања ги насочи токму кон Данела Арсовска, дури и кога беше напаѓан од другите кандидати, тој енергијата ја насочи кон неа. Лични дисквалификации, потценување, омаловажување и надменост. Недоличниот однос и кон оние кои го критикуваат и кон дел од граѓаните, а доколку му се зар’жи и врати, глумењето на жртва. Препишување на свое лично конто на буквално сите капитални проекти кои ги реализира (и пластичарска, и Христијан Тодоровски Карпош, и клучката кај Момин Поток, па дури и тунелот под Лимак)а беа во средишна фаза или испроектирани и предвидени од претходникот, Коце Трајановски.

Најголемата причина зошто Шилегов треба и мора да загуби е тенденцијата да руши и да оспорува се што е направено од претходниците. Омразата кон нешто што е веќе сработено и изградено, и поривот да се руши, е токму она што обичниот народ не го сака. Колку и да се силат и викаат одредени јавно експонирани ликови, обичниот народ неќе деструкција. Сака ред, поредок, естетика и правда за сите. Сака стандард и квалитет на живот. Не сака ароганција, своеволност и чалам.

Истото го покажа посебно со проектот за БРТ (Бас Рапид Транзит) за кој сака да троши стартно 70 милиони евра, да исече стотици дрвја и трамвајот да оди врз главната цевка која го снабдува Скопје со вода за пиење. Плус, главните гужви во Скопје се кон Драчево, кон Ченто, Стајковци, кон Чаир, Бутел, Радишани, кон Топанско Поле, Скопје Север, кон Шутка. Таму луѓето се гужваат, таму живее работничката класа и сиромаштијата, а токму таму се вози најспоро, со сточни автобуси стари под 30 години без клима и без греење. Не земајќи го ова во предвид, тој ќе го забрзува превозот меѓу Аеродром и Карпош, каде проблеми во сообраќајот и нема освен низ Рекорд и кај Градска Болница во шпицевите. Капитален проект од овој тип се планира, спрема и изведува темелно, студиозно и со општ консензус. Не смее да е личен хир и трип дека тој знае се. Затоа е и време да си оди.

Од друга страна, Данела покажа дека има желба да помогне секаде, а и оваа кампања и покажа дека делови на Скопје се бетер од најлошите фавели во Рио. Мило ми е што секаде отиде и се виде со свои очи. Желбата и мотивот да се справи со сите предизвици е добар повод народот масовно да излезе во вториот круг и да ја поддржи, плус земајќи во предвид дека веќе 5 градоначалници во најголемите и најсилните општини се од ВМРО ДПМНЕ. Многу од проектите кои се ветија се заеднички, и логично е заедно да се работи на истите. Сметам дека Градот со Шилегов и општински градоначалници од опозицијата во целост би бил блокиран и дисфункционален. Данела има повеќе идеи и решенија за рамномен развој на градот, а една од најбитните е за целосно слободен и бесплатен јавен превоз за сите граѓани. И доколку се оствари и ветувањето за набавка на нов возен парк, секако со нова динамика, распоред и линии, скопјани ќе се мотивираат да влезат во бус и да го користат јавниот превоз за сегде, а со овој концепт и ЈСП ќе може да се ослободи од куп непотребен кадар и трошоци (контролори, билетари, машини за отчитување, печатење билети итн).

Александар Ристевски

П.С. Да не биде само за Скопје овој пост. Честитки за македонскиот народ за освестувањето, за изборот на нови кадри, нови лица, за огревањето на ова ново сонце на слободата. Им честитам и на тие неколкумина кои добија нови мандати, а се дел од владејачката структура. Очигледно сработиле чим имаат поддршка од своите гласачи. Овие избори се потврда за делигимирањето на еден хибриден режим и еден водач кој смета дека опозицијата е зло. Не, злото е она кое лаже, дава лажни ветување, затвора, менува име, не почитува референдум и волја на мнозинството. Злото е се уште тука, само ни се смешка и не потценува сите.