Израел одлучи да ги продолжи за уште 10 дена сÑ �рогите ограничувања за патување, вклучително и забрана за влез на странски државјани, во обид да го запре влезот во земјата на лица заразени со новиот сој на коронавирус омикрон.
Во соопштението објавено синоќа од израелскиот премиер Нафтали Бенет и министерот за здравство Никан Хоровиц, ограничувањата за патниците кои пристигнуваат на меѓународниот аеродром Бен Гурион ќе траат најмалку до 22 декември.
Според сегашните мерки, сите Израелци кои се враќаат од странство мора да одат во изолација додека не добијат потврда за негативен ПЦР тест, додека оние кои доаѓаат од земји со висок ризик мора да одат во карантин во хотел назначен од државата додека не добијат негативен резултат.
Во соопштението се наведува и дека во наредните денови може да се воведат дополнителни ограничувања и стимулации за вакцинација.
Израел има регистрирано најмалку 21 случај на омикрон варијантата. Израел, земја со 9,3 милиони жители, има регистрирано 8.210 смртни случаи од коронавирус од почетокот на пандемијата.
Мнозинството од населението, повеќе од 6,3 милиони, примиле најмалку една доза од вакцината Фајзер/БиоНТек и повеќе од четири милиони Израелци добиле засилувачка доза.