Растот на населението во САД во првата година од пандемијата на коронавирус падна на најниска стапка од основањето на државата бидејќи пандемијата ја ограничи имиграцијата, влијаеше на одложувања на бременоста и предизвика смрт на стотици илјади жители на САД.
Населението на САД пораснало за само 0,1 отсто од јули 2020 година до јули оваа година, или за 392.665 луѓе, според податоците објавени денеска од Бирото за попис на населението.
САД со години регистрираа бавен раст на населението, но пандемијата го влоши овој тренд. Минатата година беше прва од 1937 година во која населението се зголеми за помалку од еден милион.
Според експертите, растот на населението е забавен со текот на годините поради понискиот наталитет и намалената меѓународна миграција, додека стапката на смртност расте поради стареењето на населението.
Помеѓу 2020 и 2021 година, 33 американски држави забележаа раст, а 17 држави и округот Колумбија пад на населението.