среда, 3. јануари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Лицето на Македонија е секој еден од нас

Лицето на Македонија е секој еден од нас

Постојано се трудам да сфатам каде е проблемот во ова растурено, поделенo и корумпирано општество. Да ја разберам матрицата на добар дел од политичарите и нивниот мотив да носат  одлуки на штета на народот и државата, но умот на добар дел од нивните следбеници.

На крајот доаѓам до заклучокот дека одговорот е комплексен, но дека е сплет на лошо воспитување, немање издржана национална, но и етничка свест, дека е прашање на лошо и површно образование, а најмногу за себичност и егоизам. Каде е пропустот? Во црно белото општество. Или се оди на драстични мерки и примена на законски одредби со драстична репресија, или со целосна анархија и непочитување на закон.

Не знам како сакате функционална држава во која не се почитува државниот службен јазик, знамето, химната, грбот. Во 90тите дојдовме да ситуација да граѓани се тепаа, драми се случуваа затоа што се вееше албанското знаме, и неможноста да се направи разлика дали тоа било знаме на друга држава или етнички симбол. Поголемиот проблем е отсуството на државните симболи на Македонија. И што имаме денес? Денес имаме општини кои целосно го маргинализираат државното знаме, химната, во кабинетите на функционери, во училиштата, каде државниот службен јазик е речиси целосно исфрлен, на сајтовите на одредени општини, на социјалните мрежи, дури и на патокази каде место ударен и примарен, македонскиот јазик е ставен како втор или трет. Тоа се тие црно бели екстреми. Забораваме дека доколку нешто се додаде, дека она што е симбол на државата и општеството, не се исфрла, трга или маргинализира.

Општеството какво што го градиме и креираме, на долги патеки нема да може да постои во таа форма. Ретки се луѓето кои се грижат дури и во една поголема зграда за тоа дали кога ќе падне снег да се исчисти истиот, да се затвори врата, спушти рампа. Едноставно, себичноста ја има доживеано таа кулминација, да емпатијата и хуманоста се сметаат за хендикеп и мана, а не доблест. Жално е да гледаме како обичен народ собира алишта за бездомници, готви храна за сиромашни волонтерски, дава пари за операции, а буџетот расте, а некој го цица и молзе без усул. И за истото на крајот никој кривично не одговара.

Благодарение на политика и политичката моќ видовме еден куп маалски шутови да станат бизнисмени, да изградат куќи, купат огромни коли, развијат бизнис, а пред да добијат функција биле голтари. Таквите ги мотивираа и дел од професионалните службеници по институциите и општините да наплаќаат екстра за својата кооперативност, а тука се нели и општинските совети, претпоставува затоа и толкава мотивираност да се влезе во истите. Па потоа гледате смешни и луди урбанистички планови, огромни згради на мал простор, гаражи кои стануваат фитнес центри, маркети и складишта, наместо советите да бидат тие кои сево ова ќе го спречат и одбранат народниот интерес, тие тоа го поттикнуваат и аминуваат. Истото мислење го имам и за Собранието. Жално е какви се фаци има во него. Анонимци и маргиналци кои влегуваа благодарение на политичкиот субјект, а не личните квалитети. Алал да им е на 20-30 отсто ликови кои вредат и си го заслужуваат местото. Другите се само гласачка машинерија, посебно оние малите пајтон партии, кои деновиве се најгласни.

Доаѓаме до она што ни се случува како држава последните неколку години. Дојде гарнитура која владее со поткуп на евтините, и закани кон извалканите. Продадоа се! Договорот со Грција е капитулација со невидени отстапки, а коалициските преговарања  не направија дополнително раслоено општество, и меѓуетнички, и верски, и класно.

Некој ќе каже, сега биле релаксирани односите. Не! Има една фраза на која често се навраќам: „Најмногу плаши се од народот, кога молчи!“ Замката во која влегоа при преговорите и со Бугарија, само покажува дека не се грижат за македонските национални интереси, туку удобната фотелја во која беа седнати со надворешна помош.

Нацијата е отепана здравствено, образовано, морално, финансиски, етички. Опозицијата беше на локалните избори наградена, иако и спрема неа се уште има револт на дел од граѓаните. Од неа за почеток се очекува да јавно ги обелодени и процесира сите криминали кои се правеа досегашните, па и тие пред нив, доколку ги има. Да воведе ред, стандарди и критериуми. За се! Почнувајќи од упис на деца во градинки, паркирање, бучава, чистота, почитување на јазик, симболи, и отчетност во трошењето.

Најголемиот проблем е што немаме широки, отворени и јавни дебати. Тоа што се е фингирано и договарано зад затворени врати, со луѓе кои неретко не се во допир со реалноста. Затоа и народот е лут и исфрустриран и си оди. Се пакува и си оди. Било каде. Каде може, таму. Веќе не е во прашање невработеност, или права, или плата. Едноставно луѓето сакаат ред, поредок, систем. Сакаат чистота и мир. Сакаат закон и ред. Сакаат школство и здравство. Не сакаат малоумни фаци кои паркираат каде сакаат или газат луѓе на пешачки, приглупи фраери кои пушат во затворени простори затоа што им се може. Ликови кои проаѓаат преку ред,возат по тротоари, во спротивна насока …едноставно доста ни е од анархија!

Последната „радосна“ вест е дека универзитетот Свети Кирил и Методиј паднал дополнително 100 места на светска листа. Од УКИМ претпоставувам се тешат дека се први во Македонија, и дека му бегаат на штипскиот Гоце Делчев. Битолскиот Свети Климент Охридски е 5ти, зад Штулов и Тетовски. Претпоставувам дека им е гајле, се додека има редовна плата за да бидат боеми по битолските кафеани.

Тоа е драги мои! Себичноста, клиентелизмот и немањето национална свест прават да тонеме ко држава. Ве молам само олабавете со трипот дека за се во државата се криви македонските албанци. Дел од ова дисфункционално општество се и тие, но доколку не бевте алчни хиени за да го крадете и разградувате општеството, немаше до тука да дотуркаме. Поздрави до оние 80.000 до 100.000 Македонци со бугарски пасош. И вие и јас знаеме дека 98% од вас ниту ви е гајле за Бугарија, ниту се чувствувате како Бугари, ама толку сте себични во вашата цел и желба да направите нешто за себе лично, и вие сте дел од проблемот кој го имаме сега. Ако реално имате образ, а не сте си го продале задникот, тогаш почнете активно да ширите македонштина токму таму каде сте и официјално рамноправни граѓани, во Бугарија. Поддржете ја ОМО Илинден Пирин, дајте барем 5-10 евра за книги и образование на Македонците таму, покажете дека не сте се продале во целост. Ако не, тогаш откажете се од македонското државјанство, затоа што и така очигледно не ви треба, ниту го почитувате.

Се додека политика за гледате низ призмата на лична корист, се додека гласате за тој што ќе ви вети нешто лично или заврши работа, се додека не стоите мирно на химна и на знаме, нема држава!

Свестете се, опаметете се!

 

Александар Ристевски