Секогаш сме биле на вистинската страна на историјата и истото го правиме и сега, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Парламентот и истакна дека „отворената руска инвазија на независниот нејзин сосед повторно ги буди старите кошмари на војни на континентот“, јави дописничката на МИА од Атина.
За време на специјалната расправа за ситуацијата во Украина, свикана по барање на Мицотакис, нападот на Русија врз Украина го осудија поголемиот дел од опозициските партии, меѓу кои и СИРИЗА и Движење на промена.
Грчкиот премиер истакна дека е јасно дека „влегуваме во друга историска ера, соочени со опасности за кои сега мислевме дека сме ги истерале“, додека пак лидерот на СИРИЗА истакна дека руската инвазија на Украина „ја враќа Европа, но и целото човештво, во темни и опасни времиња“, но и двајцата истакнаа дека единствена опција е да се поддржи Украина и украинскиот народ, како и санкциите воведени за Русија.
Мицотакис рече дека Грција е на страната на Украина, „на страна на мирот, легитимитетот и демократијата“, истакнувајќи дека „ја зајакнува Украина дипломатски, хуманитарно, но и воено“.
-Ако денес не покажеме практична солидарност κοн земјата која е под вооружен напад од еден непријател на демократијата и слободите, со каква морална положба утре (се надеваме нема да треба такво нешто) ќе побараме доколку ни е потребна солидарност од западниот свет?, рече Мицотакис и повтори дека земјата е подготвена да прими бегалци од Украина.
Ципрас, пак, рече дека одговорната позиција на Грција треба да биде активна поддршка за украинскиот народ, „поддржувајќи ги силните санкции насочени против Русија, со цел да стави крај на инвазијата и да се врати на патот на дипломатијата“, но и истакна дека сака да ја изрази неговата загриженост за фактот дека Грција „без никаква препорака или состанок на владиниот совет за национална безбедност, без консултации или барем информирање на политичките сили“, реши еднострано да испрати оружје во Украина.
-И се прашувам: Која е целта Грција, од континуираното инволвирање во мировни иницијативи, денес да стане инволвирана во војната? Во вакви часови на национална одговорност не е дозволена несериозност, дури и ако вашите мотиви се најблагородни. И не е дозволено сам да одлучувате. Во Грција не постои принципот на авторитет од еден човек. Во други земји постои и видовме до каде доведе тоа, рече Ципрас.
Мицотакис му одговори дека за поддршката на одбраната на Украина постои европска одлука, „која во суштина ги обврзува сите земји – членки, со исклучок на оние кои се неутрални“. (МИА)