Група Руси, Украинци, Белоруси и Срби и Младинската иницијатива за човекови права денеска организираа антивоен протест против руската инвазија на Украина на Плоштадот на републиката во Белград. Според организаторите, собирот е и поддршка за „братските народи на Украина, Русија и Белорусија“ во нивната заедничка борба против војната, окупацијата и диктатурата, јави дописникот на МИА од Белград.
На почетокот на собирот еден од учесниците, кој е дојден во Белград во 2014 година, го запали својот руски пасош. Учесниците на протестот носејќи антивоени транспаренти извикуваа „Путин не е Русија“ и упатија пораки за поддршка за Украина. Тие повикаа на итен прекин на руската инвазија на Украина, а беше развиорено и големо украинско знаме кое се носеше на прошетката низ централните улици на Белград.
Паралелно група од неколку мажи развиорија руско знаме и извикуваа пораки за поддршка на Русија, но полицијата ги спречи да се приближат до собирот.
Претходно беше објавено дека целта на митингот за поддршка на Украина е да им се даде поддршка на граѓаните на Русија и Белорусија, кои се противат на руската инвазија на Украина.
На собирот присуствува и дел од руската дијаспора во Србија. Ден претходно, во соопштението доставено до медиумите, претставниците на руската дијаспора во Србија изјавија дека стојат покрај Украина.
-Ние, припадниците на руската дијаспора во Србија, стоиме до Украина и против војната и диктатурата за која се залага Владимир Путин, се вели во соопштението, потпишано од повеќе од дваесет претставници на руската дијаспора во Србија.
Собир на солидарност со граѓаните на Украина, на украинската заедница во Војводина и на граѓаните на Русија кои протестираат против војната се одржа и во Нови Сад во организација на иницијатива на коалицијата на невладини организации „Граѓанска Војводина“.
На собирот тие соопштија дека „најостро ја осудуваат руската агресија врз Украина и дека поддршката за украинската заедница е силна антивоена порака од Војводина, која, како заедница на различни луѓе, е свесна за заканата за европскиот систем на вредности од хегемонистички политики“.
Во петокот вечерта во Белград се одржа митинг за поддршка на Русија, организиран претежно од десничарски организации. (МИА)