Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска учествуваше на Презентацијата на резултатите од Студијата за пропорционирање на загадувачите на воздухот во градот Скопје. Анализата за определување на уделот на различните извори на загадување во агломерацијата Скопски регион ја изработи лабораторијата AMBICON UGD при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, како дел од проектот за Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје, што го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје. Финансиската поддршка за проектот е обезбедена од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА).
– Подобрување на состојбите со животната средина не може да има доколку не се преземат системски мерки. Во таа насока, Градскиот Еко совет е тело кое е за првпат формирано од експерти од областа на животната средина и со првите чекори кои тие ги преземаат ќе имаме квалитетни предлог политики кои ќе бидат презентирани пред Советот на Град Скопје. Сакам да нагласам дека во Скопје почнува најголемиот еко проект во регионот – пречистителната станица за отпадни води во вредност од над 160 милиони евра која ќе придонесе за пречистување на над 90 проценти од урбаните отпадни води и ќе придонесе за заштита на животната средина. Работиме и на подигање мега паркови, прв е паркот во Ѓорче Петров, а ќе следат уште 4 вакви мега паркови во Скопје.
Секоја година ќе засадуваме над 100.000 садници, работиме на финална имплементација на Зелениот катастар, тука е и проектот за ре-употреба на градежниот отпад и шут за да се спречи создавањето диви депонии кои периодов интензивно ги расчистуваме, неселективно ги казнуваме сите оние што ја нарушуваат животната средина и здравјето на граѓаните и многу други проекти. Со сите овие мерки се надевам дека ќе успееме да постигнеме резултати – истакна градоначалничката Арсовска во своето обраќање.
Градоначалничката Арсовска ја поздрави студијата каде преку сеопфатна анализа може да се детектираат проблемите, но и да се даваат предлози од страна на стручната јавност кои ќе можат да се имплементираат согласно можностите за намалување на загаденоста на воздухот во главниот град, кој е еден од приоритетите во заштитата на животната средина, а ќе овозможи подобри услови и повисок квалитет на живот за граѓаните на Скопје.