Бурните реакции од штотуку завршената „Песна на Евровизија 2022“ не стивнуваат. Украина победи, а македонското жири, кое исто така учествуваше во изборот на најдобрата песна, вака ги подели своите гласови: 1 поен за Швајцарија, 2 поена за Полска, 3 поени за Белгија, 4 за Азербејџан, 5 за Австралија, 6 за Шведска, 7 за Италија, 8 за Обединетото Кралство, 10 за Србија и 12 поени за Шпанија.
Токму тие 10 поени што ѝ беа доделени на Србија, ги разочараа нашите северни соседи.
Социјалните мрежи се полни со негодувачки коментари, бидејќи Србија очекуваше 12 од Македонија. Не се случи тоа. Македонците беа повоодушевени од песната и од жешкиот настап на секси пејачката од Шпанија , која по потекло е од Куба. Поради ваквиот резултат, српската публика, преку Твитер и ФБ, праќа дури и духовити коментари, потенцирајќи дека сè е само забава, па затоа и би требало да се забавуваме, а не да се лутиме едни на други.
„Браќо Македонци, не ѝ дадовте 12 на Констракта, сега не ви даваме масло, па мислете се како ќе правите ручек….
Знам зошто ѝ дадовте најмногу гласови на таа Шпанка, таа многу ви личи на убаво македонско девојче…..
Ова лето одам за Грција на море, ама бидејќи не ни дадовте 12 поени, ќе патувам преку Бугарија…..
Мили мои Македонци, Констракта не ви се допадна најмногу затоа што немаше секси настап како што сте навикнати од српските пејачки……
Браќа Срби, што се лутите, па ние од Македонија не ѝ дадовме ниту еден поен на Украина, затоа немојте да нè бојкотирате, дојдете ова лето во Охрид на пастрмка и убава музика“…. се дел од стотината коментари кои сигурно ќе ве насмеат, а, можеби, и ќе ве разбеснат. Тоа е тоа. Секој со својот став.
Со оглед на тоа што повеќе од 40 земји секоја година учествуваат на Изборот за песна на Евровизија и сите гласаат во финалето, без разлика дали нивниот претставник се пласирал во финалето, организаторите во 2016 година воведоа гласање на жирито од сите тие 40 земји.
Поради тоа, старото гласање кога презентерите од сите земји учеснички ги читаа сите точки (од 1 до 12), стана едноставно неостварливо и за жирито и за публиката. Затоа, од 2016 година, на екранот се објавуваат само оние што им дале 12 поени. Гласовите на публиката остануваат за крајот на вечерта, кога ќе се соберат сите гласови на земјите и ќе се претворат во поени. На самиот крај, излезе дека Украина добила најмногу поени.