понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Папата Франциск повика на „вистински преговори“ за Украина

Папата Франциск повика на „вистински преговори“ за Украина

Папата Франциск денеска на празникот Духови уште еднаш повика на „вистински преговори“ поради „сè поопасната ескалација“ на конфликтот во Украина.

„Додека беснее лудилото на уништување и смрт и се разгорува конфликтот, поттикнувајќи ескалација која е сè поопасна за сите, го повторувам мојот повик до водачите на народот: ве молам, не го водете човештвото во пропаст“, истакна поглаварот на Католичката црква во обраќањето од прозорецот на Апостолската палата, пред околу 25.000 верници собрани на плоштадот „Свети Петар“.

По сто дена од почетокот на вооружената агресија против Украина, Светиот Отец повика на „вистински преговори за прекин на огнот и решение на кризата“.

Вчера, за време на средбата со децата во Ватикан, 85-годишниот Папа потврди дека сака да ја посети Украина, велејќи дека го чека „вистинскиот момент“ за тоа.

„Би сакал да одам во Украина, само треба да се причека вистинскиот момент за тоа, бидејќи не е лесно да се донесе одлука која може да му нанесе повеќе штета отколку добро на светот. Морам да го најдам вистинскиот момент за тоа“, рече папата Франциск, одговарајќи на прашање на украинско момче.

Тој рече дека следната недела ќе прими претставници на украинската влада. (МИА)