вторник, 6. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

На Холандија ѝ се закануваат конфликти, денеска блокада на аеродроми

На Холандија ѝ се закануваат конфликти, денеска блокада на аеродроми
epaselect epa10050973 Farmers block the distribution center of the Jumbo supermarket in Veghel, The Netherlands, 04 July 2022. The farmers' protest is directed against the cabinet's nitrogen plans. EPA-EFE/ROB ENGELAAR

За да се намалат катастрофалните емисии на азот, властите во Холандија пропишуваат радикално намалување на сточниот фонд, што ги наведе земјоделците на неколкунеделни протести, додека за денеска е најавена масовна блокада на пристапот до амстердамскиот аеродром Шипхол и аеродромите во Ајндховен и Мастрихт, јави Бета.

Полицијата најави дека со сите средства ќе ги разбие блокадите, а војската е на готовност. Министерката за одбрана Касја Олонгрен изјави дека „нема да толерира трактори околу Шипхол“, пренесе Дојче веле.

За време на претходните протести, земјоделци блокираа автопати и улици. Пред владини згради во Хаг имаше и трактори и крави, беа палени бали сено, а пред домови на политичари се прскаше ѓубриво.

Во вторникот лути демонстранти стигнаа пред станот на Kристијане ван дер Вал, министерка надлежна само за темата „природата и нитратите“.

Функцијата е воведена минатата година со цел да се реши прашањето за премногу азотни соединенија што ја трујат природата. Од нив, 70 отсто потекнуваат токму од сточарството, а Владата единственото решение го виде во радикално намалување на сточниот фонд.

– Знам какви огромни последици има за фармерите. Тоа е ужасно. Но, немаме избор. Природата не може да чека, изјави Ван дер Вал, претставувајќи го планот во Парламентот во средината на јуни.

Земјата спаѓа во земјоделски колоси, каде во јужните делови бројот на свињи по квадратен километар е најголем во светот. Само САД извезуваат повеќе земјоделски производи од Холандија, гледано по вредност.