Во Македонија само еден пациент, кој не примил ниту една доза вакцина, „фатил“ корона по четврти пат, потврдуваат за Канал 5 од Институтот за јавно здравје.
Оттаму велат дека во системот се евидентирани вкупно 17.540 лица кои се инфицирале повеќе од еднаш, што значи дека 5 % од вкупниот број на потврдени случаи се реинфекции. Најголем број од нив се заразиле два пати, ама има 102 – ца што три пати „фатиле“ корона.
Реинфекции
Два пати заразени 17 437
Три пати заразени 102
Четири пати заразени 1
Од сите што по неколку пати се заразиле, без малку 8500 биле вакцинирани, што значи дека половина од реинфекцираните биле имунизирани.
Два пати заразени вакцинирани
17 437 8890
Три пати заразени вакцинирани
102 51
17540 8941
Засега во Институтот за јавно здравје нема регистрирано пациент што се заразил по петти пат. А, според статистиката 26 граѓани што два пати се заразиле починале поради компликации на вирусот. Нема починати помеѓу оние што повеќе од два пати се заразиле, велат за Канал 5 од Институтот за јавно здравје.
Според лекарите бројот на реинфекции е поголем од она што го покажува статистиката, бидејќи дел од граѓаните не се тестираат или пак земаат брзи тестови од аптека кои секако не се регистрираат во системот.
Во летниот корона бран минатата недела за првпат се забележа пад на кривата на заразени за 20 % споредено со претходната седмица. Сепак се забележува пораст на бројот на починати и хоспитализирани. За седум дена вирусот зеде 14 живити, а во болница поради компликации од вирусот лежат околу 180 пациенти.