Со балетските претстави „Валпургиска ноќ“ и „Кармен“ во изведба на уметниците од Националната опера и балет, синоќа во Битола почна 31. издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој рече дека општината секогаш ќе го поддржува културниот настан кој обединува повеќе уметности.
-Општина Битола ќе продолжи да го поддржува овој Интернационален фестивал, кој привлекува голем број љубители на класичната музика. Овој фестивал обединува повеќе уметности, балет, театарски претстави и секако концерти на сериозна музика, каде гостуваат познати домашни и светски уметници, посочи Коњановски.
Најновото издание на „Интерфест“ изобилува со богата програма и врвни уметници кои доаѓаат од Италија, Германија, Србија и други европски држави, најави уметничкиот директор на фестивалот, Милица Шперовиќ Рибарски.
–Конечно од оваа година повторно ќе се вратиме и во велепната концертна сала на Офицерскиот дом. Публиката е со нас и тоа посебно не охрабрува. Така ќе биде секоја вечер, рече меѓудругото Шперовиќ Рибарски.
По импресивниот настап на НОБ и изведба на балетските претстави „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“, „Интерфест“ продолжува со ликовна изложба „Пат за Дихово“ на авторот Миливоје Новаковиќ Кањош од Србија, а веднаш потоа од 20.30 часот во битолскиот Офицерски дом рецитал на харфа ќе приреди Мерсиха Шукри.