вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Чеку: Повеќе Срби бараат да влезат во косовските безбедносни сили, одошто да ги напуштат

Чеку: Повеќе Срби бараат да влезат во косовските безбедносни сили, одошто да ги напуштат

Заменикот министер за Безбедносните сили на Косово (ФСК), Агим Чеку изјави дека надлежните органи ги идентификувале лицата кои, по инструкции од властите во Белград, им се закануваат и ги уценуваат Србите кои се припадници на ФСК истото да го напуштат, јави дописникот на МИА од Приштина.

Чеку во интервју за телевизијата Т7, синоќа рече дека тие лица главно вршат притисок врз родителите на припадниците на косовските сили за да ги убедат своите деца да излезат од ФСК.

-Уценувачите и заканувачите се идентификувани и органите на редот се занимаваат со нив, рече Чеку, имплицирајќи дека сета работа се координира од официјален Белград.

Според поранешниот премиер и поранешен министер за ФСК, поголема е бројката на Срби кои секојдневно се пријавуваат за служење во косовските сили, одошто на оние кои бараат да ги напуштат.

Освен тоа, рече Чеку, и повеќето од оние кои имаат поднесено барање за ослободување од службата, продолжуваат секојдневно да доаѓаат на работа.

Медиумите во Косово и Србија информираат дека во изминатите десетина дена околу 40 косовски Срби поднеле барање за ослободување од службата во Безбедносните сили на Косово.

Според косовските власти и медиумите на албански јазик, тие во образложенијата навеле дека не можат да го издржат притисокот и заканите од српските власти и од паралелни српски структури во Косово.

(Миа)