Повеќе од половина од новинарите во Хрватска се жалат на симптоми на хроничен стрес, односно т.н. брнаут (Burnout), а алармантен дел од нив не можат да се справат со исцрпеност, замор и стрес, покажуваат резултатите од студијата финансирана од друштвото за заштита на авторските права на новинарите (ДЗНАП), пренесе Хина.
Студијата ги испитува ефектите од пандемијата, двата земјотреса во Хрватска во 2020 година и економската криза врз здравствената и финансиската состојба на новинарите и уредниците.
Студијата покажа дека нешто помалку од 50 отсто од анкетираните се заразиле со Ковид-19 и дека мнозинството од нивните работодавци покажале интерес за нивното здравје. Во 45 проценти од случаите, работодавците дури понудиле помош, додека 22 отсто од оние кои закрепнале од Ковид-19 не биле контактирани од нивните работодавци за да дознаат за нивната состојба. Нешто повеќе од 15 проценти од оние кои прележале Ковид, болеста оставила трајни последици, кои во најголем број случаи се благи и повремени. Зао овој период, 15,7 отсто од испитаниците изјавиле дека им биле дијагностицирани хронични болести како што се висок крвен притисок, висок шеќер во крвта или масти во крвта, а на 4,6 отсто им била дијагностицирана сериозна болест, како што се срцев удар, рак, автоимуни нарушувања..
За време на пандемијата, 50 проценти од испитаниците имале повеќе работа, а нивните плати останале исти.
Помалку од една третина од анкетираните не доживеале никакви промени во нивната ментална состојба од почетокот на пандемијата.
На анксиозност од работата се пожалиле 6,2 отсто од испитаниците, а нешто помалку од 10 отсто се соочиле со депресивни состојби. Во овој период 7,4 отсто од анкетираните побарале помош од експерти, психолози или психијатри, а нешто помалку од три отсто од нив прибегнале кон психотерапија или лекови. Мнозинството од испитаниците (75 проценти) не побарале помош од психолог или психијатар во последните две години. Пет отсто од оние кои се соочиле со криза побарале помош од својот работодавец, а поголемиот дел од оние кои ја побарале (56 отсто) ја добиле бараната поддршка, додека останатите работодавачи ги игнорирале нивните барања.
Анкетата опфати 108 новинари и уредници на возраст од 18 до над 60 години.