сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

„Најцрната црна“ – самостојна изложба на слики на Мице Јанкуловски во Њујорк

„Најцрната црна“ – самостојна изложба на слики на Мице Јанкуловски во Њујорк

Во галеријата МЦ во Њујорк синоќа е отворена самостојната изложба на слики на Мице Јанкуловски „Најцрната црна“.

На изложбата се претставени слики од најновата продукција на Јанкуловски кој слика со најцрната боја – карбонот, откриена со помош на нано-технологија. Верен на својот уметнички стил на минимализам, модуларност, мултипликација и монохромност, Јанкуловски се претстави пред публиката во Њујорк со поставка од слики со геометриска апстракција од карбон на платно и акрил на платно.

Ова е втората од двете изложби на уметникот во декември 2022 во Њујорк. Првата изложба беше отворена во Галеријата Артифакт на 7 декември 2022 година.

Корнелија Конеска, куратор на изложбата нагласува дека во уметнички живот на Јанкуловски, постојаното движење од една во друга боја и од една во друга форма доведе до голема пресвртница во неговата уметничка продукција – да се ослободи од боите (слика со специјално произведен црн пигмент, а неодамна со карбон – најцрната воопшто позната боја откриена со новите нано-технологии), но и од четките. Во процесот на создавање, авторот користи разни алатки, гребла, чешли, прсти,… со кои интервенира врз дебелите слоеви на црната боја на платната… и тоа, вели таа, резултира со фантастични, многу специфични структури каде што светлината е составен дел од сликата, а тоа стана и негов уметнички белег.

Историчарот на уметност и писател Емил Алексиев, е автор на текстот за изложбите насловен „Црно сликарство“ за уметничкото дело на Јанкуловски.

-Пред црните слики на Мице Јанкуловски стоиме пред бескрајното црно море. Тоа е морето што го опкружува светот. Последното море на крајот на светот. Крај на познатото и видливото. Почеток на непознатото и невидливото. Застрашувачко место каде длабоките темни води на несвесното бледнеат во темнината на непостоењето. Црно и црно. Простор во кој престануваат да важат законите на светот и каде владее не-вид. Тоа е темнината зад границата на видливото, надвор од хоризонтот на настаните. Крајот на вселената и нејзиниот почеток. Тука сè завршува и сè започнува .., наведува Алексиев кој е исто така и куратор на изложбата на Јанкуловски.

Мице Јанкуловски како уметник во своето творештво е посветен на истражувањето во сликарството и цртежот, додека со децении е јавно присутен преку повеќе уметнички дисциплини како сликање на стакло, карикатура, анимиран филм, палиндроми…

Неговата биографија содржи повеќе од шеесет самостојни изложби во земјата и во странство и забележителни презентации на значајни меѓународни изложби и манифестации.

Јанкуловски е овогодишен добитник на највисоката државна награда за животно остварување „11 Октомври“ за уметност и е еден од најуспешните македонски уметници со меѓународна кариера.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.