сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Дефокусирање од реалните проблеми!

Дефокусирање од реалните проблеми!

Навистина сум воодушевен од она како општата јавност знае да загризе на одредени теми и да се преокупира со нив, во време кога се отвораат еден куп афери и настани кои се однесуваат на сите нас, на целата држава.

Се повторуваат истите шеми кои 30 години се прават. Во време кога се случуваат важи работи, кога се отвораат големи афери, народот да се занимава со баналности.

Не така одамна ни се случуваа одредени договори, менување на Устав, промена на име на држава, се организираа неколку поголеми протести и се спласна. Тие кои останаа доследни и упорни пред Собранието, дури дојде до ниво да обичниот народ ги псуе, зошто „им го блокирале сообраќајот и не можеле побрзо да си одат дома!“.

И сега повторно истото: Владата е во фаза на реконструкција, две партии од владиното мнозинство излегуваат од истата, две недели не можат да истераат ништо и се заглавени во Собранието, афера за „купен“ имот од страна на претседателот на новиот владин партнер под сомнителни услови, афера со напредок во кариерата во судскиот и обвинителниот сектор на лица кои положиле правосуден без да имаат оформено образование и кои се блиски роднини на водечки ликови од актуелната власт, непотпишаното големо задолжување од доскорешниот министер за правда, таложење на имот на високи функционери на власта без јасно објаснување како и од каде средства, вклучување во бизнис со струја и со лаборатории на лица кои никогаш претходно тоа во животот не го работеле, вработувања по партиски и етнички клуч на битни места…

Да продолжам ли? Ова се само шака, две, работи кои онака таксативно ги наредив а знам дека се обистинија овие денови.

И што се случува? Сето ова е медиумски поклопено со кавга меѓу две инфлуенсерки, а потоа со непристојноста на искусен новинар кај млад јутубер. Плус тук таму некои теми кои целосно го тргаат фокусот од она кое е суровата реалност: Живееме во држава во која цвета непотизмот и корупцијата, тонеме системски, тонеме во долгови, се откажавме од сите национални интереси, народот е раскаран и поделен како никогаш до сега, а власта која порано се жалеше за она предавници/патриоти, дополнително го подели народот велејќи дека кој не е со нив не е европеец, туку про руски настроен, што е фарса невидена.

Факт е дека се тоне по секој можен аспект. Здравството не било никогаш на пониски гранки. Платите се кренаа, но условите и услугата се катастрофални, ужасни. А платите иако пораснале, се повеќе здравствени работници си одат. Интересно, нели? Изминатите неколку години со сите кризи и проблеми учениците и студентите добија една огромна дупка во знаењето која трајно ќе им остане, се уништија работните навики, а министри во ресорот се сменија еден куп. Се уште нема книги, и тие се полни со глупости и утнати информации, а програмите кои се тераат се менуваат се со цел да се смени или укине и историја, и семејни вредности и квантумот на знаење кое постарите генерации го добиваа. И најбитно, немањето став околку оценувањето и желбата сечие дете да мора да е одлично.

Културата си е болка трајна. Вкупно пет министри за пет-шест  години. Се сменија структури, екипи, и пак тиња. Без приоритети, без агенда и јасен план, и кој како дојде очигледно целта е да се поделат парите од годишната програма. Позитивно е само тоа што го направија аплицирањето електронски, и што фелата успеа да ги притисне да потпишат колективен кој сега сакаат да се сруши. Се друго им е за во канта. Ништо од капитални инвестиции, ништо од институционален раст, институциите ги направија панаѓур на некои ликови кои велат дека се невладина сцена, а трошат владини пари. Времиња кои ќе сакаме да ги заборавиме.

Драги мои, тоа е само образование (без наука), здравство и култура. Од каде да се почне за енергетика, туризам, екологија, водни ресурси, инфраструктура, труд и социјала, војска, полиција и секако за крај дипломатија? Кажете ми еден ресор кој е успешен, со кој можеме да се гордееме, дека има напредок и раст? Еден! Едноставно, нема! Има само ресори за кои помалку се зборува во моментот, а и тие се тиња невидена.

Едноставно, лоши или неискусни кадровски решенија, без приоритети, без план и агенда, без менаџерски капацитет, а со многу голема желба да се наплати брзо или некој да се вдоми и награди.

Нема ништо од европска агенда. Кон Европа се оди само со распродавање на државните и македонските национални интереси. На терен, се е многу многу полошо од пред 15 години. Се вративме по многу аспекти на нивото од 2006 година. Разликата е што тогаш имаше огромен број невработени желни да успеат и да се докажат, а беше потребно само раздвижување на економијата, за разлика од сега кога не работи само оној кој неќе или бира, а трагедијата е што многумина кои вредат се потценети, уназадени или на погрешни места, а еден куп џаболебари држат фиктивно позиции. Затоа тапкаме во место, и нема напред.

Доста е со медиумскиот де фокус. Сфатете ја големата слика. Власта која тоне купува време за да добие уште некој месец, некоја седмица, некој ден, за да преживее и се обиде да затскрие и покрие што „работеле“. Не дозволувајте да одредени споредни теми кои не дразнат сите ради љубопитност или наши животни ставови, да не оттргнат од она кое сите не засега, а за кое мораме да добиеме одговори и одговорност од власта.

 

 

Александар Ристевски