четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Вонредни локални избори на северот на Косово

Вонредни локални избори на северот на Косово

Граѓаните со право на глас во четирите општини на северот на Косово, населени главно со Срби – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, денеска избираат нови градоначалници, а во Лепосавиќ и Звечан ќе гласаат и за новиот состав на општинските собранија.

Изборите се организираат откако градоначалниците на тие општини од редовите на Српската листа, поднесоа оставки во ноември минатата година, во знак на противење на одлуката на Владата на Косово да се пререгистрираат автомобилите со нелегални српски таблички во РКС – Република Косово.

Изборите ги бојкотира најголемиот политички субјект на косовските Срби, Српската листа. Таа наведува дека изборите се недемократски и повикува „на 23 април сите избирачки места да бидат празни, што ќе испрати јасна порака до Приштина и меѓународната заедница“.

Европската унија оценува дека одржувањето на избори во мирни услови на северот на Косово е од суштинско значење и ги повикува сите страни на воздржаност, соопшти вчера портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

„Многу е разочарувачки што Српската листа, која ги претставува косовските Срби, одлучи да не учествува на локалните избори планирани за 23 април во четири северни општини и покрај тоа што изборите беа одложени од декември за април и е продолжен крајниот рок за поднесување на кандидатурите“, потенцира Стано, пренесува Радио Слободна Европа.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи по повод изборите вчера изјави дека тие се важен момент за граѓаните од тој дел на Косово и за иднината на нивните општини.

„Изборите се камен-темелник на секоја демократија, а денот на изборите е ден кога сите ќе го слушнат вашиот глас. Затоа, изборите на 23 април се важен момент за вас и за иднината на вашите општини, а правото на глас е загарантирано со Уставот и законите, за да уживаат сите граѓани на Косово, без разлика“, рече косовската претседателка.

Таа подвлече дека со својот глас граѓаните на општините на северот на Косово ќе се осигурат дека избраните претставници директно ќе се занимаваат со прашањата кои влијаат на нивните животи и ќе создадат перспектива за сите.

„Меѓутоа, сакам да ве уверам дека косовските институции прават се за овие избори да бидат слободни и фер и дека вашата безбедност е загарантирана. Затоа ве повикувам да ги одбиете оние што доаѓаат кај вас со закани и уцени и ве охрабрувам со своето учество на локалните избори на 23. април, да испратите силна и јасна порака“, се вели во пораката на претседателката на Косово.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, изјави дека Србите на Косово се наоѓаат во тешка ситуација поради тоа што нема да учествуваат на изборите и дека по формирањето на новите локални власти ќе следи „целосна окупација“.

„Нашиот народ утре мирно, одговорно и со презир ќе ги гледа тие што ќе ги довлечат од Јужна Митровица да гласаат и да им изберат власт во Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток. Што ќе се случи потоа, ништо, целосна окупација што луѓето се веќе подготвени, навикнати, научени, ќе бидат мирни, одговорни, ние ќе исплатуваме плати како и досега, ќе се бориме за нив уште повеќе, ќе им го подигнеме стандардот и ќе чекаме некои подобри времиња во кои ќе важи повелбата на ОН и меѓународното јавно право“, рече Вучиќ.

Тој повтори дека Србите во Косово досега учествувале во неколку изборни циклуси, а дека тоа не требало да го сторат пред да се формира Заедницата на српските општини.

„Изборите се спроведуваат со придружба на 550 вооружени полицајци, од декември до јануари се застрелани две деца, извршени се неколку напади врз Срби, а некој од Европа тврди дека е разочаран“, рече Вучиќ и ги повика Србите на единство.

Косовската полиција соопшти дека ги презела сите мерки за безбедно и непречено спроведување на изборниот процес. Како што се наведува во соопштението од полицијата, мерките се преземени врз основа на оперативно планирање и во координација со претставници на надлежните институции, вклучително и Централната изборна комисија (ЦИК).

Целта на тоа планирање и координација, додава полицијата во соопштението, е спроведување на оперативен план кој има за цел да создаде безбедна и мирна средина за сите граѓани на Косово, пред, за време и по изборниот процес.

„Гаранција на избирачкото право, заштита на животот и имотот, спречување на негативни појави и криминални дејствија кои би ја загрозиле безбедноста, мирот и стабилноста во било која мерка, како и преземање законски мерки против незаконски и други дела, се задачи на косовската полиција, се наведува во соопштението.

Надлежните институции ги повикаа сите граѓани да соработуваат со косовската полиција, државното обвинителство, ЦИК и да ги пријават сите незаконски случаи поврзани со безбедноста, изборниот процес или други, а како што е наведено, тие пријави ќе се третираат доверливо, а можат и да бидат испратени и до Државното обвинителството, ЦИК и полицијата.