петок, 8. март 2024. Вести денес: 0
home Регион

Состојбата на Косово засега мирна, но затегната

Состојбата на Косово засега мирна, но затегната

Во северно Косово полицијата сè уште е во објектите на локалната самоуправа, што се надгледувани од војници на КФОР. Граѓаните и денеска мирно протестираат околу нив додека на премините Мердаре и Јариње нема забрана за премин на патнички автомобили, а влезот на камионите што превезуваат српска стока е прекинат.

На преминот Јариње колоната камиони е долга околу половина километар. Од вчера од 14 часот ниту еден камион не поминал на преминот. Засега возачите чекаат во камионите.

Патничките возила минуваат по поригорозна контрола на припадниците на косовската полиција.

На преминот Мердаре има слаб сообраќај, но нема забрана за патнички автомобили, а во прекин е влезот на камиони што превезуваат српска стока, како и на празни камиони со регистарски таблички издадени од Република Србија.

Владата во Приштина забрани влез на српска стока во Косово, откако припадниците на српската полиција вчера уапсија тројца вооружени косовски специјалци. Српската страна тврди дека биле приведени на српска територија додека косовската страна тврди дека тие не ја минале граничната линија.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, соопшти дека забраната за влез на камиони од Србија во Република Косово е воведена од безбедносни причини, поради апсење на тројца косовски полицајци. Свечља рече дека поради безбедносни причини, влезот на камиони што доаѓаат од Србија е забранет на сите гранични премини и оти мерката ќе се спроведува до нова безбедносна проценка.

Во северниот дел на Косовска Митровица се одржува мирен протест поради вчерашното апсење на Милун Миленковиќ. Нему му е одреден притвор до 30 дена и пренесен во затворот во Подуево. Специјалното обвинителство во Приштина го товари за злосторства што наводно ги направил пред неколку месеци пред канцеларијата на изборната комисија во Косовска Митровица и пред две недели на протестот во Звечан.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во разговор со претставници на ЕУ и на Квинтата побара од нив да направат сè што е во нивна моќ за да го спречат Албин Курти да започне нова војна на Балканот.

– Разговарав со претставници на ЕУ и на Квинтата. Ги замолив да направат сè што е во нивна моќ и да го спречат Курти да започне нова војна на Балканот, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Вучиќ се сретна со претставниците на САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија и со шефот на делегацијата на Европската унија во Србија.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е изненаден од толеранцијата и молкот на меѓународната заедница во однос на „акциите“ на Србија, еден ден откако српската полиција приведе тројца припадници на специјалната единица на косовската полиција.

Владата на Косово соопшти дека е засилена контролата на границата со Србија, а премиерот Курти нагласи дека нивната „цел е безбедноста, а безбедноста започнува на границите“.

– Од безбедносни причини, како итен и неопходен чекор, засилени се граничните контроли со Србија, сообраќајните ограничувања и зголемена контрола на возилата кои доаѓаат од Србија, особено транспортните, посочи Курти.

За време на прес-конференцијата, по седницата на Советот за безбедност на Косово, Курти ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Белград

– Ја повикуваме меѓународната заедница да изврши притисок врз Белград и да повика на ослободување на полицајците. Однесувањето на Србија не нè изненадува, не ги промени нејзините апетити. Она што нè изненадува е толеранцијата и молкот на меѓународната заедница кон акциите на Србија, која постојано бара дестабилизација, рече Курти.

Тој додаде дека е изненаден што КФОР не излезе со официјално соопштение за местото каде што се случи инцидентот.

Курти на конференцијата претстави и мапа и тврди дека апсењето на косовските полицајци „се случило длабоко на територијата на Косово“.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, му порача на косовскиот премиер Албин Курти дека без смирување на ситуацијата на северот на Косово, нема простор за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во писмото до Курти, кое е одговор на планот од пет точки што Курти вчера го испрати до државите од Квинтата и Брисел, Борел наведува дека е подготвен да свика средба на високо ниво со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, под услов Курти да биде подготвен да ги преземе неопходните чекори за деескалација и да овозможи нови локални избори.

– Не можеме да постигнеме напредок во нормализацијата на односите додека се занимаваме со кризниот менаџмент. ЕУ и САД инвестираа многу во нормализација и сакаме да видиме напредок, се наведува во писмото.