вторник, 21. ноември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Јокиќ ги збуни сите: Кошарката не ми е главна работа во животот

Јокиќ ги збуни сите: Кошарката не ми е главна работа во животот

Неколку дена по освоената титула во НБА-лигата, српскиот центар Никола Јокиќ во интервју за „NBA Today“ откри разни работи од плејофот, но и од својот живот.

Покрај смешните изјави дека „никогаш не треба да потценувате дебел човек“, како и дека го загубил МВП-трофејот од финалето, Јокиќ призна дека сега полесно дише откако ја исполнил целта.

Добро е. Сè е добро кога е исполнета целта. Но, мислам дека има нешто во патувањето, губењето, размислувањето, стресот, преиспитувањето. Кога е исполнета целта, сè е добро – започна српскиот центар.
Тој даде интересен одговор на прашањето колку може да напредува понатаму.

Мислам дека можам да бидам уште подобар, но морам да се жртвувам. Но, кошарката не ми е главна работа во животот, тоа е само нешто во што сум добар. Се работи за тимот. Ако сакав да играм индивидуално, би бил во некој друг спорт – вели Јокиќ.
Тренерот на Денвер нагетс, Мајк Мелоун, практично стана дел од неговото семејство.

Мајк Мелоун е човек кој секогаш сака да се натпреварува. Ако играш тенис со него, сака да те победи. Тој секогаш сака повеќе, и затоа победивме – додава Србинот.
Србинот потоа го пофали својот соиграч Џамал ​​Мареј, кој му беше најголема поддршка во текот на целата сезона.

Навистина верувам во овие момци. Мислам дека така се победува. Џамал Мареј беше повреден, мислеше дека ќе биде разменет. Играше лошо, беше под притисок од медиумите. На крајот им докажа на сите дека грешат. Но, не само на другите туку и себеси си покажа дека може да го води тимот до шампионската титула – истакна центарот.
Инаку, Јокиќ во текот на емисијата призна дека го загубил МВП-трофејот. Имено, водителката на „ЕСПН“, Малика Ендрјус, рече дека ѝ е прв пат да интервјуира МВП- играч на финалето кој дошол без трофејот в рака.

Навистина не знам каде е. Го оставив во просториите на нашиот менаџер за опрема, а потоа пехарот исчезна некаде. Така што немам поим. Се надевам дека некако ќе заврши кај мене дома – рече Јокиќ.

ФОТО: EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO