Социјалната мрежа Фејсбук изрази жалење поради тоа што на корисниците при објавувањето статуси и коментари во врска со катастрофалниот земјотрес во Индонезија им се појавувала анимација со балони и конфети.
Многу корисници на Фејсбук во Индонезија во статусите и коментарите го употребувале зборот „селамат“, што на локален јазик, во зависност од конекстот значи „неповреден“ или „честитам“. Меѓутоа со пишувањето на тој збор корисниците на Фејсбук покренуваат анимација со балони и конфети.
Фејсбук соопшти дека анимацијата е достапна насекаде и оти автоматски се активира со пишувањето на зборот кој може да значи „честитам“, објави Би-Би-Си.
„Жалиме што тоа се појави во овој несреќен контекст и ја исклучивме анимацијата на локално ниво. Нашите срца се со луѓето кои се загрозени од земјотресот“, соопштија од компанијата.
Најмалку 142 лица загинаа во земјотресот кој во неделата ги погоди индонезиските острови Ломбок и Бали.