Џок Лендејл дефинитивно нема да отпатува со репрезентацијата на Австралија на претстојниот Мундобаскет кој ќе се игра во Јапонија Индонезија и на Филипини.
Поранешниот центар на белградски Партизан се повреди на натпреварот против Јужен Судан и го оштети скочниот зглоб. Лендејл го напушти теренот по само пет минути игра и беше јасно дека ќе мора да паузира извесно време.
Ова е голем удар за „кенгурите“ кои сериозно сметаа на Лендејл и ќе мораат да прават нови планови за играта без него во тимот. Селекторот на Австралија, Брајан Гуријан, изјави дека сите ја прифатиле реалната ситуација и ќе продолжат како тој воопшто да не бил дел од тимот.
„Ќе се однесуваме како Лендејл да не бил со нас на подготовките. Мора да направиме одредени промени во играта, но мислам дека имаме шанси за солиден настап. Најважно е сите други да останат здрави и да се претставиме во одлично светло“, заклучи Гуријан.