Младата македонска фудбалска репрезентација ја совлада Шведска со 1-0 на стартот на квалификациите за Европското првенство кое во 2025 година ќе се одигра во Словачка.
Избраниците на Канатларовски се изборија за голем триумф и тоа на теренот на противникот и тоа со погодокот на Николов во раната фаза на натпреварот. Фудбалерот на дански Сондерјиске ја матираше домашната одбрана уште во 7 минута.
Швеѓаните потоа се обидуваа да го возвратат ударот, но нашиот тим беше добро поставен, ги одби нападите на фаворитот и дојде до огромни три бода во овој нов квалификациски циклус.
Веќе за неколку дена имаме нов сериозен тест, пресметка со Холандија (12 септември) на тренинг центарот „Петар Милошевски” во Скопје.