среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

БЕЛАТА ЧУМА

БЕЛАТА ЧУМА

Разочарувањето од случувањата во последните три години, си го зема својот данок.

Белата чума ја треби Македонија. Ги има фатено речиси сите, и младо и старо. Како некоја епидемија се раширила во последните неколку месеци и нема град, нема село каде што нема стапнато. Иако нема веродостојни податоци од Државниот завод за статистика, сепак во разговор со пријатели од повеќе краеви од државата, заклучокот е ист. Секој што може, се иселува или бара начин да замине, за секогаш. Сите имаме по некој наш близок. И тоа боли, корне.

Така, во струмичко, по четири автобуси неделно заминуваат полни надвор од Македонија, а се враќаат празни, за да товарат нови патници за во еден правец. Истото е и во тетовско, гостиварско, прилепско… И во источна Македонија по еден автобус неделно ја прави истата рута.

Заминуваат цели семејства.

Ги напуштаат своите домови, со малку облека и малку пари, колку што можеле да си дозволат, и бегаат како од огнена стихија. Заминуваат работно способните, младите, инженерите, лекарите, земјоделците, работниците. Заминуваат луѓето на кои треба да се потпираат економијата и развојот, а кое за нешто повеќе од една година успеавте да го уништите до нула. Заминуваат луѓето кои своето образование го стекнале тука, во кои државата инвестирала, оние кои можат да плаќаат даноци, да градат куќи, оние кои создале свое семејство и оние кои треба да го создадат.

Заминуваат затоа што не ја гледаат својата иднина тука. Разочараноста од моменталните состојби во државата е посилна од љубовта кон својот дом. Стравот од неизвесноста и бесперспективноста се посилни од желбата да се изораат и насадат нивите. Се плашат луѓето да ги растат своите деца овде, оти здравството колабира, нема да можат да ги однесат на лекар ако се разболат. Оти во дворовите на училиштата се делат опијати и се вадат ножеви и шипки како по филмовите, а педофилите ги прикажувате како обесправени и маргинализирани. Оти ослободувате криминалци и убијци, кои убиваат по улиците, палат автомобили, пљачкосуваат по домовите.

Заминуваат оти нема кој да го купи она што ќе го произведат, ниту пак да им го плати реално трудот кој го вложиле на работното место, а им ветувавте плата од  500 евра на работниците и 100.000 денари на лекарите. Си одат оти моралните вредности се руинирани, а семето на раздорот и омразата кое го посеавте со вашите „шарени акции“, со фрлањето на кондомите полни со боја по државните институции, перформансот со оставањето на кондурите по улиците во Скопје, веќе никна и шири миризба на злоба и завист.

Заминуваат оти државата за една година ја направивте како да е приватна фирма на министрите и вашите пратеници. Заминуваат оти оние кои ги слушаме како бараат мито, судот ги ослободува наместо да ги осуди, а корупцијата е претворена во основен приход за многумина кои се на некакви позиции по институциите. Оти носите закони со кои сакате да не слушате и гледате 24 часа на ден, да ни ги проверувате сметките и да знаете кој колку има во животот, за да можете потоа да го уценувате или рекетирате.

Заминуваат оти потпишувате капитулантски и предавнилки договори и носите закони како сте да окупатори. Оти сте запнале да ја федерализирате државата, да ни го смените идентитетот, да ни ги избришете јазикот и историјата, да ни го искорените коренот, да не направите апатриди.

Заминуваат оти на скопскиот градоначалник му се погоди влажна годината, па не изедоа комарците. На главниот плоштад во Скопје има повеќе бездомни кучиња отколку туристи, кои секој ден напаѓаат по некое дете или возрасен, а кантите и контејнерите се полни со смет, како да сме во Мумбаи.

Трикратно злосторство.

Големо е злосторството кое го правите. Вршите класичен социјален и економски егзодус врз Македонскиот народ. Најмасовен во поновата Македонска историја. Вршите подмолен етноцид врз Македонската нација, уништувајќи ги со „Спогодбата“ и „Договорот за добрососедство“ нашата историја, култура и јазик. Вршите невиден геноцид врз Македонскиот народ. На сила ги бркате луѓето од своите огништа. На сила ја празните Македонија. Овие три злосторства во литературата се познати како злосторства против човештвото. И за нив се одговара и пред домашни, но и пред меѓународни судови. И, ќе дојде денот кога за ова ќе морате да понесете одговорност и да одговарате. Ќе одговарате и пред судските институции и пред судот на народот кој сакате да го уништите.

Колумна на Димитар Димовски