недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Бесмисленоста на бугарските блокади и опструкции

Бесмисленоста на бугарските блокади и опструкции

Ова што се случува изминатите две три години, ја доживува сопствената кулминација. Дури и во самата Бугарија, пратеникот и поранешен министер Даниел Лорер на едно телевизиско интервју говореше за апсурдноста на ова кое се случува.

„Господинот кој што беше нападнат во Македонија не е бугарски граѓанин. Бугарија треба да ги заштити своите граѓани. Тој е македонски граѓанин кој што се опишува како човек со бугарска самосвест. Меѓутоа, еден од тие кои го нападнаа е бугарски граѓанин. Зошто не зборуваме за него? Затоа што тој има бугарско државјанство“, изјави бугарскиот пратеник.

Секако, одма се удри по него од дел од бугарската јавност, велејќи се дека тој не е лојален на бугарштината затоа што бил евреин. Но, парадоксот останува. Тепачот, а не жртвата бил Бугарин. Со пасош, со документи, со се. Овој вториот според податоците кои излегоа, испаѓа дека е Бугарин по професија. Официјална Софија повторно наседна.

Хистеријата која се манифестира е потврда за она што јас и многумина подолго го зборуваме: Бугарија е во ситуација во која тоне нивниот концепт на граѓанска држава, сличен на оној на Грција, каде што не прифаќа и не признава јазик и етничка припадност, поразлична од онаа, државната. Ваквиот ретрограден однос, за жал, Европската унија само формално го санкционира. Таа преку своите институции ги регистрира недоследностите, ги опоменува, и останува на тоа, на статус кво.

Токму ваквото попустливо однесување и кон Бугарија, и кон Грција, кои се полноправни членки на ЕУ, прави овие држави да останат ригидни, тврди и затупени во ултра национализмот, и да без оглед на забавениот ЕУ интегративен процес на Македонија, но и Албанија, да сфатат дека сепак овие земји се членки во НАТО и секоја своевидна агресија, макар и преку накаква специјална војна е сепак загрозување на нивниот интегритет. Имено, Бугарија сериозно притиска да се бугаризира македонското население во Албанија, а Грција покрај маките со нас, си има мака со прифаќање и на Албанците во Грција.

Од денешна гледна точка, цената која ја плативме за нашата НАТО интеграција е преголема. Си го дадовме уставното име, искривоколчиме идентитетот, сатанизиравме институциите, едноставно заглибивме длабоко во една своевидна кал, во која ќе се заглавени долго. Но самото НАТО членство, мислам дека е од помош што досега сите надворешни, но и внатрешно роварења се „тампонирани“, а верувам дека наскоро и ќе бидат во корен сосечени.

Балканската историја, и сите оние преврати и територијални претензии, размена на население и се што е состојба во изминатите 150 години мора да се гледаат низ контекстите во кои истите се случувале, а не само врз некаква документација и квази фактографија.

Македонецот се борел и ќе се бори за својата слобода, за своите правдини, за својата држава, макар била мала и не во границите во кои ја гледал. Негирањето на името, јазикот, идентитетот и самоопределбата може да ја прават само фашисти и ксенофобни држави и народи. Самото Европска унија, но и севкупната меѓународна заедница тоа не смее да го дозволи. Македонското прашање мора да се крене повторно и на ниво на Обединетите нации. Таа организација постои токму за да ги заштити помалите од поголемите. Македонија мора да поведе силна офанзива штитејќи ги сопствените национални интереси, и за тоа ќе мора да има општа поддршка и консензус и во македонското Собрание. Тие кои на ова нема да се согласат, ризикуваат за секогаш да бидат на ѕидот на срамот како национални предавници. Зад ваков консензус не смее да има етничка, партиска или верска поделба. Изминатите неколку години се покажа што значи да се има килави лидери во власта и пратеници без интегритет кои гласајќи слепо, не’ не одведоа напред, туку не заглавија во неизвесност.

Да, придобивки безбедносни од членството во НАТО, претпоставувам дека има. Но, начинот на кој сето тоа се изведе, отстапките кои се направија, денес не доведоа во потчинета ситуација од која ќе се потребни години за да се извлечеме.

Не смееме да си дозволиме никогаш повеќе да не водат ликови наречени според плашливи животни (зајаци и мисирки), оние за кои народот е стока, а на странските лидери им се обраќаат со „љубави“, и оние кои велат дека биле репресирани, а цел живот се под државна капа и од државата добиле се, па дури и фенирање.

На Македонија и е потребно прво етничко, а потоа и национално обединување. Обединување зад идеја, зад кауза, зад државното знаме. Да, токму она знаме на кое сите му наоѓаат мана, знаме кое е креирано од еден од нај неомилените ликови на јавноста, токму под тоа знаме, треба да се сплоти севкупниот народ, и да им наметне на политичките партии визија и црвени линии во кои мора да се движат ако сакаат поддршка. Тоа е единствениот начин да Македонија стане функционална држава, но и нешто од загубеното било кога врати.

Нам не ни треба ЕУ за живееме подобро. Ни требаат ЕУ стандарди, но и дел општествени норми за да го кренеме нивото на живеење и сеопштата култура. Не ни треба квази национализам, туку функционален патриотизам.

А ова со Бугарија ќе пројде. Историјата е сурова, и секогаш се повторува, а Бугарите се традиционални лузери и секогаш се на погрешната страна. Ќе го издржиме и ова, а од истото ќе излеземе само посилни. Бродот кој тоне е кај нив, две години се без Влада.

Го сакаат Гоце, е прават се спротивно од максимата на Гоце за: „Светот како поле за културен натпревар меѓу народите!“.

Гоце е Македонија, затоа и „си дојде“ дома, на слободна македонска земја во 1946 година, како што и самиот сакал.

Александар Ристевски