недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Без национална самосвест нема функционална држава

Без национална самосвест нема функционална држава

Македонија е навистина интересен феномен. Сo самото тоа што за многу политички и општествени промени сме лабораториски заморче и сме подложни на туѓи експерименти, покажува дека сме плодна почва за истражување на она што некој од поголемите сака да го примени.

Тука се менуваат тактиките. Се вежбаше концептот за мулти културализам кој по неколку години Меркел го прогласи за мртов кај нив, за територијални прекројувања, билингвални експерименти по туѓи урнеци, верски поделби, бадентерови мнозинства, за некакви си етнички заедници, квоти, балансери, и на крај се’ се изрелативизира, затоа што народот пак тераше по свое, по балкански.

Затоа е смешно кога верските великодостојници ги караа верниците за празници како не требало. Сето тоа што тие пропуштиле да го всадат кај секој од нив од деца, нивната неработа и импровизација со години, пробуваат да ја оправат со обраќање преку телевизија или сајтовите неколку денови пред настанот.

Едноставно, ние сме земја на импровизатори. Затоа и ретко, речиси и да нема врвни научници. Македонецот станува врвен дури од кога ќе се исели од тука. Со цело должно почитување кои тие малкумина кои вредат тука, а станале врвни. Нив обично ги кочат медиокритети, им пуштаат муабети, ги сопнуваат административно и ги потценуваат.

Едноставно ние имаме владеење на потпросечните. Владеење на медиокритетите. И ајде, да речеме тоа е и до некаде нормално во политиката. Ние тоа секаде го имаме направено. Најмногу во образованието и во науката. Полека но сигурно медиокритетите победуваат и во здравството, затоа што најспособните и најумните  или се строго во приватниот сектор, или во странство, а ако се во јавниот ќе треба и да фрлиш нето под маса (така вели народот). И уметноста и културата е веќе таква. Добро е што диригентите барем држат до себе, па не слушаме раштимани оркестри, затоа што ако се прашуваа некои раководители и менаџери, или политиката, и тоа ќе го имавме. Истото веќе е реалност во другите сфери од културата.

Да се вратам на креирањето на националната свест. Мене навистина не ми е јасно, како можеш да живееш, твориш, егзистираш, заработуваш во Македонија, а да одлепуваш, се палиш и дразниш во име на Бугарија, Србија, Косово, Албанија, Грција, Турција, Хрватска, Босна… Без оглед дали си етнички Македонец или некој од етничките заедници кои се дел од македонската држава.

Еве, сфаќам и потекло, и корени, и татко/мајка, и блиски, и роднини, и се, ама да се палиш на друга држава, да потенцираш се што е успех на таа држава, а да негираш и плукаш по се што има во својата, е тоа не можам да го сфатам. Ама ич! Да вееш знаме од друга држава, да не поседуваш од својата, па дури и истото да го плукаш, не можам да го сфатам тоа. Да не ја знаеш државната химна, затоа што во истата ти не си се наоѓал, а истата е најкосмополитска на свет, и го велича Илинденското востание, исто не можам да сфатам. Да не го почитуваш државниот официјален примарен јазик, на кој цела држава и систем функционира, тоа не можам да го сфатам.

Јас знам дека ова мое писание секој различно ќе го протолкува. Секој според тоа како и колку ја ишка мувата од капата. Голем поздрав до државата која дозволува пет полни автобуси и 100 коли да се мотаат во центарот на градот, и да не навредуваат сите. Да се разбереме, секој има право на посета и на чествување, ама за навреди и понижувања следи пријава. Се надевам дека Македонците конечно ќе можат пак како порано да го чествуваат Јане Сандански на неговиот гроб.

Се надевам дека во Скопје и низ цела Македонија ќе се отстранат споменици на ликови кои ја дразнат јавноста и се поставени нелегално.

Се надевам дека оние во здружението од северот ќе ги сфатат киксовите на некои други соседи, па нема да прават шизофрени објави во кои Ѓоргија Пулевски ќе го прават Србин.

Не ми е јасно, како се чувствуваат внатрешни тие ликови кои живеат во една земја, и секојдневно се борат за уништување на истата? Таа нивна апатридност претпоставувам или некакво душевно цепење, некаква внатрешна борба, или пак е платеништво и антидржавен елемент.

Ако е првото, се надевам дека ќе најдат душевен мир, лекарства, љубов или било која друга форма која ќе намали нивната болка и мака. Доколку е второто, нашите безбедносни служби ќе треба посериозно да размислат дали си ја работат работата и нивната цел на постоење, затоа што како што знам, нивната работа е да се борат против оние кои се против Македонија, а не за Македонија, и исто така нивна работа не е да се занимаваат со политичката опозицијата, туку против сецесионистите и надворешниот непријател.

За жал, морам да констатирам дека најголемиот дел на оние кои во свеста се дел на македонската нација, веќе живеат во странство. Попрво ќе најдете Македонец со турско, бошњачко, влашко, српско, ромско етничко потекло низ светот кој се бори и гине за идеалите на Македонија, отколку Македонец во неа самата.

Нас не карактеризираше како држава обележјето дека сме фини, добри, гостопримливи, насмеани и без предрасуди. Станавме злобни, ксенофобни, клети, прости и дрски.

Порано сите се гордееја со учените, денес ги исмеваат. Денес е битно да имаш пари и диплома. Да учиш не мораш. Ќе си ја купиш истата.

Јас лично сум непоправлив оптимист. И терам сизифовска агенда. Долга и неблагодарна. И знам дека ќе ја терам до крајот на животот. Престанете да си имате работа со спринтери од денес за утре. Животот и развитокот на една нација е маратон. Ефектот ќе го почувствува дури некоја следна генерација. Јас се борам за рајот, вака како што тераме, усмерени сме кон пеколот.

Да живее Македонија. Македонија пред се’!

 

Александар Ристевски