сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Бугарија мора да покаже и разум и разбирање, Македонија доволно правеше отстапки!

Бугарија мора да покаже и разум и разбирање, Македонија доволно правеше отстапки!

Гледам дека новите Влади и на Македонија и на Бугарија се посветени на меѓусебните преговори, поврзани со нашата интеграција, и отпочнувањето на процесот на проговори со Европската унија.

Она што ми пречи мене лично, а сигурен сум и на секој Македонец, е тоа што историските, националните и образовните теми се уште се на маса, и што скандалозната негаторска реторика на официјална Софија е скоро непроменлива.

Навистина е непоимливо да во 21ви век, еден народ да биде подложен на уцени и закани со блокади само затоа што постои!

Извртувањето на историските вистини, не и содржината на некои документи не земајќи ги во предвид историските конотации, е малициозно и неразумно. Како што во неколку телевизиски интервјуа, но и тука во моите колумни имам пишувано, проблемот на бугарска држава е што доколку го признаат и прифатат континуитетот на тоа што значи да си Македонец, етничката засебност, но и етничките потекло на илинденците и водачите и хероите од историското ВМРО, Бугарите се доведуваат во ситуација на две работи: 1. Да ги негираат сопствените митови кои ги граделе тие самите зад комунистичката железна завеса, не знаејќи дека еден ден ќе им се удрат од глава; 2. Да признаат и прифатат постоење на Македонци како засебен народ во сопствената држава, не знаејќи колкумина за едно или две десетлетија ќе го прифатат како етничка определба, а не само придавка како нивното географско потекло.

Главниот проблем се токму оние „интелектуалци“ дел од државниот апарат во Бугарија кои цели кариери направија на тема „Македонија“ . Тие водат сега борба за своите титули и авторитет, кој и така им е климав и нерелевантен.

Политичарите, пред се оние од ВМРО БНД на Каракачанов се прочитани и од самата бугарска јавност се веќе маргинализирани, иако добиваат медиумски простор. Навистина не ми е јасно како држава членка на ЕУ си дозволува во Евро Парламентот да ја застапува шарлатан како оној Џамбаски, кој меѓу другото повикуваше за враќање на воениот рок во Бугарија, за да се испостави дека самиот студирал над 10 години само за да не оди во војска.  За жал, јавни медиумски ликови во Бугарија се и лица како Слави Трифунов и Росен Петров, кои шират антимакедонски небулози, и кои креираат непроценливи штети на македонско-бугарските односи.

Бугарија истото неретко го прави во сферата на фолклорот и музиката. Едноставно, се што е македонско, во Бугарија можете да го сретнете како бугарско. Одете објаснете се дека добар дел од музиката, текстовите, кореографиите се на живи автори, со име и презиме, Македонци со македонска национална и етничка свест. Џабе! Лоботомијата е голема.

Кај нас, од друга страна, поради стравовите од негирање на нашата поблиска историја, но и поради ѕверското однесување на „админстрацијата“ за време на Втората светска војна за која се уште има живи сведоци, реториката е исто така, лоша и агресивна, иако треба да се земе во предвид дека е од страна која се брани. Кавгите за подалечното минато, исмевањето на теориите за античкото потекло на Македонецот, рефлексно се враќаат околу потеклото на самите Бугари, за кое се навредуваат, заборавајќи дека и самите велат дека нивни предци се Калојан, Кубрат, Аспарух и други, не сфаќајќи дека со самото тоа Македонецот го прават од нив туѓ и оддалечен.

Токму затоа, самата бугарска држава ќе мора да олабави и да ги релативизира темите околу историјата. Во спротивно, со блокирањето на интегративниот процес на Македонија, до толку ќе ги поларизира состојбите, што ќе направи Македонецот место најблиска, Бугарија да ја чувствува за најомразена земја. За тоа вината ќе биде строго на ваша почва, кај вас во Бугарија, кај бугарските политички елити во Софија.

На терен, меѓу обичниот народ, проблеми нема. И да, втор голем проблем се оние кои јас ги нарекувам „Бугари по професија“, а кои самите се нарекуваат „македонски Бугари“ . Тие ликови нема никогаш да бидат фактор никаде, ни во Македонија, ни во Бугарија. И не, нив никој не им го негира самочувството за бугарска етничка припадност. Тие ја негираат етничката определба на целиот македонски народ. Во тоа е проблемот.

Да се разбереме, мене лично во изминатите триесетина години од многу од политиките на ЕУ ми било срам, посебно од оние кои ги „билдале“ правата и идентитетот на сите нации и народи, освен на Македонците. Но да се разбереме едно нешто, Македонија и Македонците заедно ќе може да живеат единствено  во ЕУ. Македонците во Бугарија и Грција веќе се дел од Европската унија. Србија веќе преговара. Албанија и Македонија да се надеваме дека наскоро ќе се на чекор до тоа.

Самата ЕУ, и нејзините бирократи не секогаш биле правични и нешто посебно наклонети кон нас. Но, цврстината на нашиот идентитет е кога македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ, кога ќе имаме метални монети со грб кој ќе асоцира на Македонија, кога ќе имаме наши евро парламентарци и кога ќе има слободен пазар и укинати граници. Сите останати делби на Македонецот тогаш ќе станат бесмислени, земајќи во предвид што денес се делиме верски, идеолошки, политички, клановски.

Единствено јас барем лично, не можам да ги сфатам новата категорија Македонци, популарно пејоративно наречени „северџани“. Сметам дека таа категорија луѓе не може да се обедини со никого, освен со својот личен интерес. Тие би станале и Лилипутанци, ако од тоа имаат корист.

Борбата е тешка, но мора да се продолжи. Да се стигне до целта, подобар живот и стандард за сите, но притоа без да Македонецот се обезличи и самоукине. Да почнеме сите активно да придонесуваме за тоа, да бидеме строг критичар на власта, а сепак државата да ја туркаме кон вистинската насока.

Мораме на сите да им покажеме и докажеме дека туѓо не бараме, но свое не даваме. Ништо не правиме со негативна реторика по социјалните мрежи. Онаа масовна хистерија која на социјалните мрежи ја креираат некои бугарски ботови, не помага, туку само ги закрвува овие две соседни нации. Вака нема што да се постигне, освен што ќе се креира омраза која ќе трае уште куп децении.

 

Александар Ристевски