Денес 8 септември. Ден која МАКЕДОНИЈА стана независна држава. Значи, Република Македонија. Веќе неколку години тоа веќе не постои. Преспанските Северџани тоа го фрлија, уништија, закопаа. Оваа денешна Македонија е длабоко поделена, растурена и дисфункционална. Секој си слави тоа што му одговара со што се идентификува.
СДС ни самите не знаат што слават. Отсекогаш најмногу се дразнеле на 11 Октомври, иако како проаѓа времето ниту знаат да му го дадат заслуженото значење, ниту имаат сенародна поддршка. На сите други празници се наметнуваат, парите се трошат за прослави, но сенароден ефект никаков.
ДУИ си слави партиски празник, денот на Рамковниот договор, ден на кој освен нивната елита и тук таму по некој политички полжав се собираат и се навраќаат на црните денови од поновата историја, времињата на граѓанската војна, претставени во квази мултиетничка обланда. Апсолутно никој ни го слави, ни го чествува тој ден, кој е своевидна капитулација на македонската држава.
ВМРО ДПМНЕ најголемо значење давало и дава на Илинден, на 8 Септември и 23 Октомври. И што направи актуелната сегашна власт? Го релативизира и однароди Илинден и му вметна елементи непознати за истиот, го деформира 8 Септември кој го сведе на празник без симболот Македонија, а 23 Октомври – Денот на историското ВМРО, му ја укина државната награда, го релативизира, маргинализира, за да делува дека е само партиска прослава на ВМРО ДПМНЕ.
Сите други помали политички субјекти или се без став, или забегуваат со некои свои екстремни ставови кои се на граница на илузија и фантазија, со кои повеќе пробуваат да напалат дел од рајата, отколку што и самите веруваат во тоа кое го зборуваат.
Факт е дека туморот доаѓа од внатре. Од самата држава и од добар дел од кадрите кои истата ја претставуваат. Ќе се навратам на зборовите на еден мој пријател дипломат, кој еднаш во неврзан разговор ми ги кажа. Вели, не е битна политичката определба на секоја индивидуа, ниту пак корените и етничкото или верското потекло, туку националното чувство и самоидентификацијата со земјата во која живее, со Македонија. Доколку еден службеник, политичар, чиновник тоа го нема, не стои гордо под знамето, химната, грбот, името на државата, се е џабе. За жал, народот на Македонија самиот дозволи и преќути да биде заробен, поробен и силуван. Да биде однароден и доведен до еден хибриден режим, во кој секој ден е мачење, секој е патење, во кој луѓето иструлеа од внатре. Капак на сето тоа е и оваа пандемија, ради која не тераат да се шетаме со пелени на лицето, каде секојдневно се носат мерки кои се конфузни и популистички, додека секојдневно гледаме како народот се мачи. Каде државата мерките за излез од кризата ги насочува кон фирми и таргет групи (најчесто подобни за власта), а целиот товар за лечење и справување со кризата народот ја истрпи не свој грб.
И каде сме сега? Славиме празник на Нашата земја, на Републиката, на Татковината, на емоџи со знаменце, на Р Северна Македонија, на РС Македонија, на РСМ, но никако на МАКЕДОНИЈА. Каква лоботомија драги мои. Срам и страв им е да на социјални мрежи или неврзана комуникација кажат МАКЕДОНИЈА. О кеј, сменија Устав, закони, институции, но никој никогаш не барал, а и не може да смени и исфрли интерна комуникација, вон она што се вика документ. И Државата САД се вика United states of America, па никој скоро тоа не го изговара, туку вели Америка, Американс, иако цели два континенти се Америки, плус централниот дел со уште десетина земји. Само јадното македонче, иако нема друг македонски народ, и нема друга држава Македонија, вели дека е од Северна и дека не е Македонец, туку граѓанин на Република Северна Македонија.
Денес драги мои е 30 годишнина од независноста на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Сите останати кои славите нешто друго сте фалсификатори. Денес е денот на кој македонската нација реши да биде самостојна вон Југославија. Таа фалсификуваната Северна слободно сами да си ја славите, додека можете. И да си определите ден, еве на пример 11 февруари. Тоа е денот од кога официјално, вие, а не народот на Македонија, стана Северна. Соберете се, исто како што мала свита го слави денот на Рамковниот, исто како што мал дел го слави 27 јануари, 17 февруари, 3 март, или било кој ден, кој е наменски за одредена група или заедница, но престанете да ги валкате и деградирате симболите на нацијата. Не на македонскиот народ, туку државата и севкупната македонска нација.
Лошите политики и политичари изминатите 30 години го осакатија системот, го осквернавија јазикот, го понижија и иселија народот, а ја искрадоа државата. Револтот е огромен, а пред да го осетите гневот на народот, нема да видите ни штрајкови, ни демонстрации, ни бунење, ништо. Едноставно, еден ден ќе се разбудите и ќе бидете политички мртовци. Ќе ве снема од јавноста сите вие кои го силувавте, мачевте, деградиравте, крадевте и понижувавте народот. Затоа што станувате се помалку, а на рајата и се отвораат очите.
Македонија не може и не смее да биде држава на неспособни, на приучени, на паразити, двојни тројни играчи. Таа е земјата каде вечното сонце сјае, земјата во која отсекогаш живееле добри и кротки луѓе, а сега е време кога никој никому не верува, кога брат брата лаже и краде, кога сестри си ги вадат очите… Драги мои, да не дозволиме никогаш повеќе да не водат неписмени, прости, дволични, криминогени, анационални и одродени политичари. Осветете се!
Никогаш Северна, само Мaкедонија!
Да ни е вековит 8 Септември, денот на самостојноста и независноста на Република Македонија.
Александар Ристевски